Прескокни кон главната содржина

1 Коринтјаните

Глава 2

  1. 1

    И јас, браќа, кога дојдов кај вас, не дојдов со возвишени зборови или човечка мудрост да ви ја објавам Божјата тајна.

  2. 2

    Зашто решив меѓу вас да не знам ништо друго освен Исус Христос, и тоа распнат.

  3. 3

    И бев меѓу вас во слабост, страв и големо треперење.

  4. 4

    Мојот збор и мојата проповед не беа со убедливи зборови на човечка мудрост, туку со пројавување на Духот и силата,

  5. 5

    та вашата вера да не се темели на човечката мудрост, туку на Божјата сила.

  6. 6

    Сепак, зборуваме мудрост меѓу зрелите, но не мудрост од овој век, ниту мудрост на владетелите на овој век, чија власт пропаѓа,

  7. 7

    туку ја објавуваме Божјата мудрост како тајна – скриената мудрост што Бог однапред ја определи пред вековите за наша слава,

  8. 8

    која никој од владетелите на овој век не ја позна; зашто, ако ја беа спознале, немаше да Го распнат Господ на славата.

  9. 9

    Но, како што е напишано: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човечко срце му дошло, тоа Бог го подготви за оние што Го љубат.“

  10. 10

    А нам Бог ни го откри тоа преку Својот Дух, зашто Духот испитува сѐ, дури и Божјите длабочини.

  11. 11

    Зашто кој човек знае што се крие во човекот, освен човечкиот дух што е во него? Така и Божјите работи никој не ги знае освен Божјиот Дух.

  12. 12

    А ние не го примивме духот на светот, туку Духот Кој е од Бог, за да го разбереме она што Бог ни го подари.

  13. 13

    За тоа и зборуваме, не со зборови научени од човечка мудрост, туку со зборови научени од Светиот Дух, објаснувајќи ги духовните вистини со духовни зборови.

  14. 14

    Но душевниот човек не може да го прими она што доаѓа од Божјиот Дух, зашто за него е безумство и не може да го разбере, бидејќи тоа се расудува духовно.

  15. 15

    Духовниот човек расудува за сѐ, а него никој не може да го процени.

  16. 16

    „Зашто кој го познал Господовиот ум, за да Го поучи?“ А ние го имаме Христовиот ум.