Прескокни кон главната содржина

1 Коринтјаните

Глава 1

  1. 1

    Павле, повикан по Божја волја да биде апостол на Исус Христос, и братот Состен,

  2. 2

    до Божјата црква во Коринт, до осветените во Исус Христос, повикани да бидат свети, заедно со сите што на секое место го повикуваат името на нашиот Господ Исус Христос – нивниот и нашиот Господ:

  3. 3

    благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.

  4. 4

    Секогаш Му благодарам на Бог за вас поради Божјата благодат што ви е дадена во Христос Исус.

  5. 5

    Зашто во Него се обогативте во сѐ – во секој збор и во секое знаење.

  6. 6

    Зашто сведоштвото за Христос се потврди во вас,

  7. 7

    така што не ви недостига никаков духовен дар додека го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос.

  8. 8

    Тој ќе ве утврди до крај, за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос.

  9. 9

    Верен е Бог, Кој ве повика во заедништво со Својот Син, Исус Христос, нашиот Господ.

  10. 10

    Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос сите да зборувате едно и исто и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете целосно соединети во ист ум и исто мислење.

  11. 11

    Зашто, мои браќа, луѓето од домот на Хлоја ме известија дека меѓу вас има расправии.

  12. 12

    Мислам на тоа што секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „Јас сум Аполосов“, „Јас сум Кифин“ или „Јас сум Христов“.

  13. 13

    Зар Христос е разделен? Зар Павле беше распнат за вас? Или во Павловото име бевте крстени?

  14. 14

    Му благодарам на Бог што не крстив никого од вас, освен Крисп и Гај,

  15. 15

    за никој да не каже дека сте биле крстени во моето име.

  16. 16

    Го крстив и домот на Стефан; освен нив, не знам дали сум крстил некој друг.

  17. 17

    Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието – не со мудри зборови, за Христовиот крст да не ја изгуби својата сила.

  18. 18

    Зашто пораката за крстот е безумство за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, таа е Божја сила.

  19. 19

    Зашто е напишано: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните.“

  20. 20

    Каде е мудрецот? Каде е учителот на Законот? Каде е расправачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?

  21. 21

    Зашто, според Божјата мудрост, светот не Го позна Бог преку својата мудрост, па Бог благоволи преку навидум безумната проповед да ги спаси оние што веруваат.

  22. 22

    Зашто и Јудејците бараат знаци, а Елините бараат мудрост,

  23. 23

    ние, пак, Го проповедаме распнатиот Христос – за Јудејците сопка, а за незнабожците безумство,

  24. 24

    а за повиканите, и Јудејци и Елини, Христос е Божја сила и Божја мудрост.

  25. 25

    Зашто она што изгледа безумно кај Бог е помудро од луѓето, а она што изгледа слабо кај Бог е посилно од луѓето.

  26. 26

    Погледнете, браќа, какви бевте кога бевте повикани: немаше меѓу вас многу мудри според човечките мерила, ниту многу моќни, ниту многу од благороден род.

  27. 27

    Но Бог го избра она што светот го смета за безумно, за да ги посрами мудрите; и го избра она што светот го смета за слабо, за да ги посрами силните.

  28. 28

    Бог го избра она што светот го смета за ниско и презрено, и она што е ништо, за да го поништи она што се смета за нешто,

  29. 29

    за ниеден човек да не се пофали пред Бог.

  30. 30

    Благодарение на Бог, вие сте во Христос Исус, Кој за нас стана мудрост од Бог, праведност, осветување и откупување,

  31. 31

    за да биде како што е напишано: „Кој се фали, нека се фали во Господ.“