Римјаните
Глава 16
- 1
Ви ја препорачувам нашата сестра Фива, служителка на црквата во Кенхреја.
- 2
Примете ја во Господ како што им прилега на светите и помогнете ѝ во сѐ во што ќе има потреба од вас, зашто и таа им беше помошничка на мнозина, па и на мене.
- 3
Поздравете ги Прискила и Акила, моите соработници во Христос Исус,
- 4
кои го изложија својот живот на опасност за мене. Не им благодарам само јас, туку и сите цркви меѓу незнабожците.
- 5
Поздравете ја и црквата што се собира во нивниот дом. Поздравете го мојот сакан Епенет, кој е првиот што поверува во Христос во Азија.
- 6
Поздравете ја Марија, која многу се трудеше за вас.
- 7
Поздравете ги Андроник и Јунија, моите сонародници и созатвореници, кои се угледни меѓу апостолите и кои поверуваа во Христос пред мене.
- 8
Поздравете го Амплијат, мојот сакан во Господ.
- 9
Поздравете го Урбан, нашиот соработник во Христос, и мојот сакан Стахиј.
- 10
Поздравете го Апел, чија верност кон Христос е докажана. Поздравете ги оние од домот на Аристовул.
- 11
Поздравете го мојот сонародник Иродион. Поздравете ги оние од домот на Наркис што се во Господ.
- 12
Поздравете ги Трифена и Трифоса, кои се трудат во Господ. Поздравете ја саканата Персида, која многу се трудеше во Господ.
- 13
Поздравете го Руф, избран во Господ, и неговата мајка, која ми беше како мајка и мене.
- 14
Поздравете ги Асинкрит, Флегонт, Ерма, Патров, Ермиј и браќата што се со нив.
- 15
Поздравете ги Филолог и Јулија, Ниреј и неговата сестра, Олимп и сите свети што се со нив.
- 16
Поздравете се еден со друг со свет бакнеж. Ве поздравуваат сите Христови цркви.
- 17
Ве молам, браќа, внимавајте на оние што предизвикуваат поделби и поставуваат пречки спротивни на учењето што го примивте; оддалечувајте се од нив.
- 18
Зашто таквите не Му служат на нашиот Господ Христос, туку на својот стомак, и со слатки и ласкави зборови ги мамат срцата на простодушните.
- 19
Вашата послушност им стана позната на сите, па затоа се радувам за вас. Но сакам да бидете мудри за доброто и чисти од злото.
- 20
А Бог на мирот наскоро ќе го сотре сатаната под вашите нозе. Благодатта на нашиот Господ Исус нека биде со вас.
- 21
Ве поздравуваат мојот соработник Тимотеј и моите сонародници Луциј, Јасон и Сосипатар.
- 22
Ве поздравувам во Господ и јас, Терциј, кој го напишав ова послание.
- 23
Ве поздравува Гај, мојот домаќин и домаќин на целата црква. Ве поздравуваат Ераст, градскиот благајник, и братот Кварт.
- 24
[Во подоцнежни ракописи стои: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин.“]
- 25
⟦А на Оној Кој може да ве зацврсти според моето Евангелие и проповедта за Исус Христос, според откривањето на тајната за која се молчеше од вечни времиња,
- 26
но сега е објавена и преку Писмата на пророците, според заповедта на вечниот Бог, им е соопштена на сите народи, за да дојдат до послушност што произлегува од верата,
- 27
на единствениот мудар Бог, преку Исус Христос, нека Му биде славата засекогаш! Амин.⟧