Римјаните
Глава 15
- 1
Ние, силните, должни сме да ги носиме слабостите на немоќните, а не да си угодуваме себеси.
- 2
Секој од нас нека му угодува на својот ближен за негово добро, за да се изградува.
- 3
Зашто и Христос не Си угодуваше Себеси, туку, како што е напишано: „Навредите на оние што Те навредуваат паднаа врз Мене.“
- 4
Сѐ што е напишано порано, напишано е за наша поука, за преку истрајноста и утехата од Писмата да имаме надеж.
- 5
А Бог на истрајноста и утехата нека ви даде да живеете во слога еден со друг, во согласност со Христос Исус,
- 6
за еднодушно и со една уста да Го славите Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос.
- 7
Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими вас, за Божја слава.
- 8
Ви велам дека Христос стана служител на обрежаните заради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците,
- 9
а незнабожците да Го прослават Бог поради Неговата милост, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу незнабожците и ќе го воспевам Твоето име.“
- 10
И повторно вели: „Радувајте се, незнабожци, заедно со Неговиот народ.“
- 11
И пак: „Фалете Го Господ, сите незнабожци, и нека Го слават сите народи.“
- 12
А Исаија повторно вели: „Ќе се појави Коренот на Јесеј, Оној Кој ќе се издигне за да владее над народите; во Него народите ќе се надеваат.“
- 13
А Бог на надежта нека ве исполни со сета радост и мир во верата, за да изобилувате во надежта преку силата на Светиот Дух.
- 14
Мои браќа, и јас самиот сум уверен за вас дека сте исполнети со добрина, со секое знаење и дека можете еден со друг да се поучувате.
- 15
Сепак, за некои работи ви пишував посмело, за повторно да ве потсетам, поради благодатта што ми е дадена од Бог
- 16
да бидам служител на Христос Исус меѓу незнабожците, вршејќи ја свештеничката служба на Божјото Евангелие, за незнабожците да станат угоден принос, осветен од Светиот Дух.
- 17
Затоа во Христос Исус имам со што да се пофалам во службата пред Бог.
- 18
Не би се осмелил да зборувам за нешто освен за она што Христос го изврши преку мене, за да ги доведе незнабожците до послушност – со збор и дело,
- 19
со сила на знаци и чуда, со силата на [Божјиот] Дух. Така, од Ерусалим и сѐ до Илирик, целосно го проповедав Евангелието на Христос.
- 20
Настојував да го проповедам Евангелието таму каде што името на Христос уште не беше познато, за да не градам врз туѓ темел,
- 21
туку, како што е напишано: „Оние на кои не им беше говорено за Него ќе видат, а оние што не чуле ќе разберат.“
- 22
Затоа многупати бев спречен да дојдам кај вас.
- 23
Но сега, бидејќи повеќе немам поле за работа во овие краишта, а веќе многу години копнеам да дојдам кај вас,
- 24
се надевам дека ќе ве видам кога ќе тргнам за Шпанија и дека ќе ми помогнете да го продолжам патот дотаму, откако најнапред барем малку ќе уживам во вашето друштво.
- 25
А сега одам во Ерусалим, за да им послужам на светите.
- 26
Зашто Верниците во Македонија и Ахаја доброволно решија да соберат прилог за сиромашните меѓу светите во Ерусалим.
- 27
Тие доброволно го направија тоа, но и им се должници. Зашто, ако незнабожците станаа соучесници во нивните духовни блага, должни се да им послужат и со материјални блага.
- 28
Кога ќе го завршам тоа и ќе им го предадам собраниот прилог, ќе тргнам преку вас за Шпанија.
- 29
А знам дека, кога ќе дојдам кај вас, ќе дојдам со полнотата на благословот на Христос.
- 30
Ве молам, [браќа], преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на Духот, борете се заедно со мене, молејќи Му се на Бог за мене,
- 31
да бидам избавен од непослушните во Јудеја и мојата служба во Ерусалим да биде добро примена од светите.
- 32
Така, по Божја волја, да дојдам кај вас со радост и заедно со вас да се одморам.
- 33
А Бог на мирот нека биде со сите вас. Амин.