1 Јован
Глава 4
- 1
Мили мои, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите дали се од Бог, зашто многу лажни пророци излегоа во светот.
- 2
По ова го препознавате Божјиот Дух: секој дух што признава дека Исус Христос дојде во тело е од Бог.
- 3
А секој дух што не Го признава Исус не е од Бог; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека доаѓа, а сега веќе е во светот.
- 4
Чеда, вие сте од Бог и ги победивте, зашто Оној Кој е во вас е поголем од оној што е во светот.
- 5
Тие се од светот; затоа зборуваат како луѓе од светот, и светот ги слуша.
- 6
Ние сме од Бог. Оној што Го познава Бог нѐ слуша; а оној што не е од Бог не нѐ слуша. По тоа ги препознаваме Духот на вистината и духот на заблудата.
- 7
Мили мои, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бог; и секој што љуби е роден од Бог и Го познава Бог.
- 8
Оној што не љуби, не Го познава Бог, зашто Бог е љубов.
- 9
Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него.
- 10
Љубовта е во ова: не дека ние Го засакавме Бог, туку дека Тој нѐ засака нас и Го испрати Својот Син како жртва за помирување за нашите гревови.
- 11
Мили мои, ако Бог така нѐ засака, и ние сме должни да се сакаме еден со друг.
- 12
Никој никогаш не Го видел Бог. Ако се сакаме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов достигнала совршенство во нас.
- 13
По ова знаеме дека остануваме во Него и Тој во нас: затоа што ни даде од Својот Дух.
- 14
Ние видовме и сведочиме дека Таткото Го испрати Синот да биде Спасител на светот.
- 15
Кој признава дека Исус е Божјиот Син, Бог останува во него и тој во Бог.
- 16
Ние ја познавме љубовта што Бог ја има кон нас и поверувавме во неа. Бог е љубов; и оној што останува во љубовта, останува во Бог, и Бог во него.
- 17
Во ова љубовта меѓу нас достигнува совршенство: да имаме смелост на Судниот ден, зашто каков што е Тој, такви сме и ние во овој свет.
- 18
Во љубовта нема страв; туку совршената љубов го изгонува стравот, зашто стравот подразбира казна. Оној што се плаши не е усовршен во љубовта.
- 19
Ние љубиме затоа што Тој прв нѐ возљуби.
- 20
Ако некој рече: „Го љубам Бог“, а го мрази својот брат, лажец е. Зашто кој не го љуби својот брат, кого го гледа, не може да Го љуби Бог, Кого не Го гледа.
- 21
И оваа заповед ја имаме од Него: оној што Го љуби Бог, да го љуби и својот брат.