1 Јован
Глава 3
- 1
Гледајте каква љубов ни подари Таткото — да се нарекуваме Божји деца! И тоа сме. Светот не нѐ познава затоа што не Го позна Него.
- 2
Мили мои, сега сме Божји деца, а сѐ уште не се открило што ќе бидеме. Но знаеме дека кога Тој ќе се јави, ќе бидеме слични на Него, зашто ќе Го видиме онаков каков што е.
- 3
И секој што ја има оваа надеж во Него, се очистува себеси, како што Тој е чист.
- 4
Секој што прави грев, прави и беззаконие; гревот е беззаконие.
- 5
А знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите; и во Него нема грев.
- 6
Секој што останува во Него не продолжува да живее во грев; а оној што продолжува да греши, не Го видел ниту Го познал.
- 7
Чеда, никој да не ве мами. Оној што постапува праведно е праведен, како што е и Тој праведен.
- 8
Оној што живее во грев е од ѓаволот, зашто ѓаволот греши од почетокот. Затоа се јави Божјиот Син – за да ги разурне делата на ѓаволот.
- 9
Секој што е роден од Бог не продолжува да живее во грев, зашто Божјото семе останува во него; и не може да продолжи да греши, бидејќи е роден од Бог.
- 10
По ова се препознаваат Божјите деца и децата на ѓаволот: секој што не постапува праведно не е од Бог, ниту оној што не го љуби својот брат.
- 11
Зашто ова е пораката што ја чувте од почетокот: да се љубиме еден со друг.
- 12
Да не бидеме како Каин, кој беше од злиот и го уби својот брат. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа зли, а делата на неговиот брат беа праведни.
- 13
Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази.
- 14
Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, зашто ги љубиме браќата. Оној што не љуби останува во смртта.
- 15
Секој што го мрази својот брат е убиец, а знаете дека ниеден убиец нема вечен живот што останува во него.
- 16
Љубовта ја познаваме по тоа што Тој го положи Својот живот за нас; и ние сме должни да ги положуваме своите животи за браќата.
- 17
Ако некој има земни добра и го види својот брат во потреба, но го затвори своето срце пред него, како може Божјата љубов да останува во него?
- 18
Деца мои, да не љубиме со збор ниту со јазик, туку со дело и со вистина.
- 19
По ова ќе знаеме дека сме од вистината и ќе ги увериме своите срца пред Него,
- 20
дури и кога нашето срце нѐ осудува, зашто Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ.
- 21
Мили мои, ако срцето не нѐ осудува, имаме смелост пред Бог.
- 22
И што и да побараме, добиваме од Него, зашто ги пазиме Неговите заповеди и го правиме она што Му е угодно.
- 23
А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповеда.
- 24
Оној што ги пази Неговите заповеди останува во Него, а и Тој во него. По ова знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го даде.