1 Јован
Глава 2
- 1
Деца мои, ова ви го пишувам за да не грешите. Но ако некој згреши, имаме Застапник пред Таткото – Исус Христос, Праведникот.
- 2
Тој е жртва за помирување за нашите гревови; и не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет.
- 3
По ова знаеме дека Го познаваме: ако ги пазиме Неговите заповеди.
- 4
Оној што вели: „Го познавам“, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него.
- 5
Но кој го пази Неговиот збор, во него Божјата љубов навистина достигнала совршенство. По ова знаеме дека сме во Него:
- 6
оној што вели дека останува во Него, должен е и самиот да живее како што живееше Тој.
- 7
Мили мои, не ви пишувам нова заповед, туку стара заповед што ја имавте од почетокот. Старата заповед е зборот што го чувте.
- 8
Сепак, ви пишувам нова заповед, која е вистинита и во Него и во вас, зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети.
- 9
Оној што вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, сѐ уште е во темнината.
- 10
Оној што го љуби својот брат останува во светлината, и во него нема ништо што би го навело на сопнување.
- 11
Но оној што го мрази својот брат е во темнината, живее во темнината и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите.
- 12
Ви пишувам вам, чеда, зашто гревовите ви се простени поради Неговото име.
- 13
Ви пишувам вам, татковци, зашто Го познавте Оној Кој е од почетокот. Ви пишувам вам, млади луѓе, зашто го победивте злиот. Ви напишав вам, деца, зашто Го познавте Таткото.
- 14
Ви напишав вам, татковци, зашто Го познавте Оној Кој е од почетокот. Ви напишав вам, млади луѓе, зашто сте силни и Божјиот збор останува во вас и го победивте злиот.
- 15
Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта кон Таткото не е во него.
- 16
Зашто сѐ што е во светот — желбата на телото, желбата на очите и гордоста на животот — не е од Таткото, туку од светот.
- 17
Светот поминува, а и неговата желба; но оној што ја извршува Божјата волја останува довека.
- 18
Чеда, последниот час е. Како што чувте дека доаѓа антихристот, така и сега се појавија многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час.
- 19
Тие излегоа од нас, но не беа од нас. Зашто, ако беа од нас, ќе останеа со нас. Но излегоа, за да стане јасно дека тие не се од нас.
- 20
А вие имате помазание од Светиот и сите знаете.
- 21
Не ви напишав затоа што не ја знаете вистината, туку затоа што ја знаете и затоа што ниедна лага не произлегува од вистината.
- 22
Кој е лажливец, ако не оној што одрекува дека Исус е Христос? Антихрист е оној што ги одрекува Таткото и Синот.
- 23
Секој што Го одрекува Синот, Го нема ни Таткото; а кој Го признава Синот, Го има и Таткото.
- 24
Во вас нека остане она што го чувте од почетокот. Ако во вас остане она што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и во Таткото.
- 25
А ова е ветувањето што Тој ни го вети: вечниот живот.
- 26
Ова ви го напишав за оние што се обидуваат да ве измамат.
- 27
Но во вас останува помазанието што го примивте од Него и немате потреба некој да ве поучува. Неговото помазание ве поучува за сѐ, тоа е вистинито и не е лага; и како што ве научи, така останете во Него.
- 28
А сега, чеда, останете во Него, за да имаме смелост кога ќе се јави и да не се посрамиме пред Него при Неговото доаѓање.
- 29
Ако знаете дека Тој е праведен, тогаш знаете и дека секој што постапува праведно е роден од Него.