Прескокни кон главната содржина

1 Јован

Глава 1

  1. 1

    Она што беше од почетокот, што го чувме, што го видовме со своите очи, што го набљудувавме и што го допреа нашите раце – за Зборот на животот –

  2. 2

    животот се јави, а ние Го видовме, сведочиме и ви го објавуваме вечниот живот, Кој беше со Таткото и ни се јави нам.

  3. 3

    Она што го видовме и го чувме, тоа ви го објавуваме и вам, за и вие да имате заедништво со нас. А нашето заедништво е со Таткото и со Неговиот Син, Исус Христос.

  4. 4

    Ова го пишуваме за нашата радост да биде целосна.

  5. 5

    Ова е пораката што ја чувме од Него и ви ја објавуваме: Бог е светлина и во Него нема никаква темнина.

  6. 6

    Ако кажеме дека имаме заедништво со Него, а живееме во темнина, лажеме и не постапуваме според вистината.

  7. 7

    Но ако живееме во светлината, како што Тој е во светлината, имаме заедништво еден со друг, и крвта на Исус, Неговиот Син, нѐ очистува од секој грев.

  8. 8

    Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме себеси и вистината не е во нас.

  9. 9

    Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секоја неправедност.

  10. 10

    Ако кажеме дека не сме згрешиле, Го правиме лажливец и Неговиот збор не е во нас.