2 Петар
Глава 3
- 1
Мили мои, ова е веќе второто писмо што ви го пишувам. Во двете преку потсетување го поттикнувам вашиот чист разум,
- 2
за да се потсетите на зборовите што однапред ги кажаа светите пророци и на заповедта на Господ и Спасителот, предадена преку вашите апостоли.
- 3
Пред сѐ, знајте го ова: во последните денови ќе дојдат подбивачи, кои ќе се подбиваат и ќе одат по своите желби,
- 4
велејќи: „Каде е ветувањето за Неговото доаѓање? Зашто откако починаа (грч. заспаа) татковците, сѐ останува како што било од почетокот на создавањето.“
- 5
Зашто тие намерно го превидуваат тоа дека небесата постоеле од дамнина, а земјата била создадена од вода и преку вода, со Божјиот Збор,
- 6
со тие води тогашниот свет беше потопен, и така беше уништен.
- 7
А сегашните небеса и земјата, со истиот Збор, се чуваат за оган до денот на судот и погибелта на безбожните луѓе.
- 8
Но едно не смее да ви биде непознато, мили мои: дека за Господ еден ден е како илјада години, и илјада години се како еден ден.
- 9
Господ не доцни со исполнувањето на ветувањето, како што мислат некои, туку е трпелив кон вас, зашто не сака некој да загине, туку сите да дојдат до покајание.
- 10
А Господовиот ден ќе дојде како крадец. Тогаш небесата ќе поминат со силна бучава, елементите ќе се распаднат во оган, а земјата и делата на неа нема да се најдат.
- 11
Бидејќи сето ова ќе се распадне, какви треба да бидете во свето поведение и побожност,
- 12
додека го очекувате и го забрзувате доаѓањето на Божјиот ден, поради кој небесата ќе се распаднат во оган, а основните елементи ќе се стопат од силна жештина?
- 13
А ние, според Неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои живее праведноста.
- 14
Затоа, мили мои, бидејќи го очекувате ова, погрижете се Тој да ве најде во мир, неизвалкани и непорочни.
- 15
А трпеливоста на нашиот Господ сметајте ја како спасение, како што и нашиот сакан брат Павле ви напиша, според мудроста што му е дадена;
- 16
Како што и во сите свои посланија зборува за ова. Во нив има некои тешко разбирливи нешта, кои неуките и незацврстените ги изопачуваат, како и другите Писма, на своја погибел.
- 17
И така, вие, мили мои, кога го знаете ова однапред, пазете се заблудата на беззакониците да не ве повлече со себе и да не отпаднете од својата непоколебливост,
- 18
туку растете во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Нему слава и сега и до Денот на вечноста! ⟦Амин.⟧