Прескокни кон главната содржина

2 Петар

Глава 2

  1. 1

    Но меѓу народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои тајно ќе внесуваат погубни ереси и ќе се одрекуваат од Господарот Кој ги откупил, навлекувајќи врз себе брза пропаст.

  2. 2

    И мнозина ќе тргнат по нивната разузданост, и поради нив ќе се зборува лошо за патот на вистината.

  3. 3

    Од лакомство ќе ве искористуваат со измислени зборови, но нивната осуда одамна е изречена и нивната пропаст не дреме.

  4. 4

    Зашто ако Бог не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги фрли во Тартар - мрачен затвор - и ги предаде во окови на мрак да бидат чувани за суд;

  5. 5

    и ако не го поштеди стариот свет, туку го зачува Ное, проповедникот на правдата, со уште седум души, кога го нанесе потопот врз безбожниот свет;

  6. 6

    и ако ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомор и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на оние што ќе живеат безбожно;

  7. 7

    и ако го избави праведниот Лот, кого го измачуваше развратното живеење на беззакониците

  8. 8

    (зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше секојдневно својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела),

  9. 9

    тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, и неправедните да ги чува под казна до денот на судот.

  10. 10

    Ова особено се однесува на оние што одат по телесните нечисти желби и ја презираат власта. Безобѕирни и своеволни, тие не се плашат да ги хулат славните суштества,

  11. 11

    додека ангелите, кои се поголеми по сила и моќ, не изговараат хулна осуда против нив пред Господ.

  12. 12

    А тие, како неразумни животни, по природа родени за да бидат фатени и уништени, хулат на она што не го разбираат и ќе пропаднат во сопствената расипаност.

  13. 13

    Тие претрпуваат зло како плата за својата неправда. За нив е задоволство да се оддаваат на уживање среде бел ден. Тие се порочни и се како дамки меѓу вас, насладувајќи се со своите измами додека се гостат со вас.

  14. 14

    А нивните очи се полни со прељуба и не престануваат да грешат; ги заведуваат незацврстените души; срцето им е навикнато на лакомство; тие се проколнати деца.

  15. 15

    Го оставија правиот пат и залутаа, тргнувајќи по патот на Балаам, синот на Восор, кој ја засака платата на неправдата,

  16. 16

    но беше укорен за својот престап: немо магаре проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот.

  17. 17

    Тие се безводни извори и магли терани од бура; за нив е зачувана црната темнина.

  18. 18

    Зашто, изговарајќи надуени и празни зборови, преку желбите на телото и разузданоста ги мамат оние што навистина им избегале на луѓето што живеат во заблуда.

  19. 19

    Им ветуваат слобода, а самите ѝ робуваат на расипаноста, зашто човек му робува на она што го совладало.

  20. 20

    Зашто, ако откако избегале од нечистотиите на светот преку познавањето на Господ и Спасителот Исус Христос, повторно се заплеткаат во нив и бидат совладани, тогаш нивната последна состојба станува полоша од првата.

  21. 21

    Имено, за нив би било подобро да не го познаваа патот на праведноста, отколку, откако го познаа, да се одвратат од светата заповед која им е предадена.

  22. 22

    Ним им се случува она што го вели вистинската поговорка: „Кучето се враќа на својата блујавица“ и „Измиената свиња се враќа да се валка во калта.“