Прескокни кон главната содржина

2 Петар

Глава 1

  1. 1

    Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние кои преку праведноста на нашиот Бог и Спасител Исус Христос ја примија истата скапоцена вера како и ние:

  2. 2

    да ви се умножат благодатта и мирот преку познавањето на Бог и на Исус, нашиот Господ.

  3. 3

    Неговата божествена сила ни подари сѐ што ни е потребно за животот и побожноста, преку вистинското познавање на Оној Кој нѐ повика преку Својата сопствена слава и доблест,

  4. 4

    со што ни се подарени Неговите скапоцени и величествени ветувања, со цел преку нив да станете соучесници во божествената природа, откако избегавте од расипаноста што е во светот поради желбите;

  5. 5

    И токму затоа вложете ја сета своја ревност: на верата додајте доблест, а на доблеста — знаење,

  6. 6

    на знаењето — воздржливост; на воздржливоста — постојаност; на постојаноста — побожност;

  7. 7

    на побожноста - братољубие; а на братољубието - љубов.

  8. 8

    Зашто, ако го имате сето тоа и ако тоа се умножува, не сте бескорисни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос.

  9. 9

    Но оној што го нема тоа е слеп и кусоглед, зашто заборавил дека е очистен од своите поранешни гревови.

  10. 10

    Затоа, браќа, трудете се уште повеќе да ги зацврстите својот повик и својот избор. Имено, ако го правите тоа, никогаш нема да се сопнете.

  11. 11

    Зашто така богато ќе ви се овозможи влез во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

  12. 12

    Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам на овие работи, иако вие ги знаете и сте зацврстени во вистината што ја имате.

  13. 13

    Сметам дека е исправно додека сум во овој шатор, да ве поттикнувам преку потсетување,

  14. 14

    знаејќи дека наскоро ќе го напуштам овој шатор, како што ме извести нашиот Господ Исус Христос.

  15. 15

    А ќе настојувам вие, и по моето заминување, секогаш да се сеќавате на ова.

  16. 16

    Зашто кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, не следевме лукаво измислени приказни, туку бевме очевидци на Неговото величество.

  17. 17

    Зашто кога Тој прими од Бог Таткото чест и слава, од Величествената Слава до Него дојде овој глас: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој Ми е по волја“,

  18. 18

    а ние го чувме тој глас што дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора.

  19. 19

    И така, пророчкиот Збор ни е уште посигурен. Добро правите што внимавате на него како на светилка што свети на темно место, додека не осамне денот и утринската ѕвезда не изгрее во вашите срца.

  20. 20

    Но знајте го пред сѐ ова: ниедно пророштво во Писмото не е од нечие сопствено толкување,

  21. 21

    Зашто пророштвото никогаш не произлегло по човечка волја, туку луѓето ја пренесуваа Божјата порака, водени од Светиот Дух.