Прескокни кон главната содржина

1 Петар

Глава 5

  1. 1

    Затоа старешините меѓу вас ги поттикнувам јас, како старешина заедно со нив, сведок на Христовите страдања и учесник во славата што ќе се открие:

  2. 2

    пасете го Божјото стадо што е меѓу вас, надгледувајќи го не со принуда, туку доброволно, како што Бог сака; не за нечесна печалба, туку со голема желба;

  3. 3

    не како да господарите над оние што ви се доверени, туку бидете пример на стадото.

  4. 4

    А кога ќе се појави Врховниот Пастир, ќе примите венец на славата што не венее.

  5. 5

    Така и вие помладите, покорувајте им се на старешините. А сите облечете се во понизност еден кон друг, зашто „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“

  6. 6

    И така, понизете се под моќната Божја рака, за да ве возвиши во свое време.

  7. 7

    Сите свои грижи фрлете ги врз Него, зашто Тој се грижи за вас.

  8. 8

    Бидете со трезвен дух и бдејте: вашиот противник, ѓаволот, оди наоколу како лав што рика, барајќи некого да го проголта.

  9. 9

    Спротивете му се, цврсти во верата, знаејќи дека истите страдања им се случуваат и на вашите браќа по светот.

  10. 10

    А откако ќе претрпите уште малку, Бог на секоја благодат, Кој ве повика во Христос кон Својата вечна слава, Самиот ќе ве усоврши, ќе ве потврди, ќе ве зајакне и ќе ве утврди.

  11. 11

    Нему Му припаѓа власта во сите векови. Амин!

  12. 12

    Преку Силван, кого го сметам за верен брат, ви напишав накратко, за да ве поттикнам и да ви посведочам дека ова е вистинската Божја благодат. Во неа стојте цврсто.

  13. 13

    Ве поздравува црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, како и мојот син Марко.

  14. 14

    Поздравете се еден со друг со бакнеж на љубов. Мир на сите вас што сте во Христос.