1 Петар
Глава 4
- 1
И така, бидејќи Христос пострада во телото, вооружете се и вие со истата мисла, зашто оној што пострадал во телото прекинал со гревот,
- 2
и преостанатото време во телото да не го проживеете според човечките желби, туку според Божјата волја,
- 3
бидејќи доволно е тоа што во минатото ја извршувавте волјата на незнабожците, живеејќи во сладострастие, желби, пијанство, гозби, опивање и гнасно идолопоклонство.
- 4
Затоа се чудат што вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и затоа ве клеветат.
- 5
Но тие ќе Му дадат сметка на Оној Кој е готов да им суди на живите и на мртвите.
- 6
За таа цел им беше проповедано Евангелието и на оние кои се мртви: иако се судени во телото како луѓе, да живеат во дух според Бог.
- 7
А крајот на сѐ се приближи. Затоа бидете разумни и трезвени, за да можете да се молите.
- 8
Пред сѐ, имајте силна љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови.
- 9
Бидете гостољубиви еден кон друг, без негодување.
- 10
Секој од вас, според дарот што го примил, нека го користи за да им служи на другите како добри управители на многукратната Божја благодат.
- 11
Ако некој зборува, нека зборува како оној што ги пренесува Божјите зборови; ако некој служи, нека служи со силата што Бог ја дава, за Бог да се прослави во сѐ преку Исус Христос, Кому Му припаѓаат славата и власта во вечни векови. Амин.
- 12
Мили мои, не чудете се на огненото испитување што ве снајде за да ве испита, како да ви се случува нешто необично,
- 13
туку радувајте се што соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и веселите при откровението на Неговата слава.
- 14
Блажени сте ако ве навредуваат поради Христовото име, зашто Духот на славата, Божјиот Дух, почива врз вас.
- 15
Никој од вас да не страда како убиец, или крадец, или злосторник или како оној што се меша во туѓи работи;
- 16
но ако страда како христијанин, да не се срами, туку поради тоа да Го слави Бог,
- 17
зашто време е судот да започне од Божјиот дом, а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?
- 18
И „ако праведникот одвај се спасува, што ќе стане со безбожникот и грешникот?“
- 19
Затоа и оние кои страдаат по Божја волја, да Му ги доверат своите души на верниот Создател, правејќи добро.