Прескокни кон главната содржина

1 Петар

Глава 3

  1. 1

    Исто така и вие, жени, бидете им покорни на своите мажи, за ако некои не му се покоруваат на Зборот, да бидат придобиени без зборови преку поведението на своите жени,

  2. 2

    кога ќе го видат вашето чисто поведение со страв од Бог.

  3. 3

    Вашиот украс да не биде надворешен: плетење на косата, носење златен накит или облекување во раскошни облеки,

  4. 4

    туку нека биде скриената личност на срцето, со нераспадливиот украс на кроткиот и тивок дух, што е од голема вредност пред Бог.

  5. 5

    Зашто така некогаш се украсуваа светите жени кои се надеваа во Бог, и им се покоруваа на своите мажи,

  6. 6

    како што Сара му беше послушна на Авраам и го нарекуваше господар, а вие сте нејзини ќерки, ако правите добро и не се плашите од никакво заплашување.

  7. 7

    Исто така и вие, мажи, живејте со своите жени со разбирање, укажувајќи им почит како на послаб сад и како на сонаследнички на благодатта на животот, за да не бидат попречувани вашите молитви.

  8. 8

    На крајот, бидете сите едномислени, сочувствителни, братољубиви, милосрдни и понизни;

  9. 9

    не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте, бидејќи повикани сте токму за тоа, за да наследите благослов.

  10. 10

    Зашто „кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека го воздржува јазикот од зло и усните од измама;

  11. 11

    нека се оддалечи од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него;

  12. 12

    зашто Господовите очи бдеат над праведниците и Неговите уши ја слушаат нивната молитва, а Господовото лице е против оние кои вршат зло.“

  13. 13

    И кој ќе ви наштети ако се залагате за доброто?

  14. 14

    А ако и страдате заради праведноста, блажени сте! „Не вознемирувајте се и не плашете се од нивните закани“,

  15. 15

    туку во своите срца почитувајте Го Христос како Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што бара од вас образложение за надежта што е во вас, но со кротост и страв,

  16. 16

    Имајте добра совест, така што оние што го клеветат вашето добро поведение во Христос да се посрамат поради она за што ве обвинуваат.

  17. 17

    Зашто подобро е, ако е по Божјата волја, да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло.

  18. 18

    Зашто и Христос еднаш засекогаш пострада за гревовите, Праведниот за неправедните, за да ве доведе кај Бог. Тој беше убиен во телото, но оживеан во духот,

  19. 19

    во кој отиде и им навести на духовите во затвор,

  20. 20

    кои некогаш беа непослушни, кога Бог трпеливо чекаше во времето на Ное, додека се градеше ковчегот, во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија преку водата.

  21. 21

    На тоа одговара крштавањето, кое сега ве спасува — не во смисла на миење на телото од нечистотија, туку како молба до Бог за добра совест — преку воскресението на Исус Христос,

  22. 22

    Кој Му е од десната страна на Бог, откако отиде на небото; Нему Му се потчинија и ангелите и властите и силите.