1 Петар
Глава 2
- 1
И така, оставајќи ги настрана секоја злоба, секаква измама и лицемерство, завист и сите клевети,
- 2
како новороденчиња, копнејте по чистото духовно млеко, за преку него да пораснете кон спасението,
- 3
ако сте вкусиле дека Господ е добар.
- 4
Пристапувајќи кон Него како кон жив камен, отфрлен од луѓето, но избран од Бог и скапоцен пред Него,
- 5
и вие самите, како живи камења, изградувајте се како духовен дом, за свето свештенство, за да принесувате духовни жртви, прифатливи за Бог, преку Исус Христос.
- 6
Зашто вака стои во Писмото: „Еве, поставувам на Сион Камен темелник, одбран и скапоцен, и кој верува во Него, нема да се засрами.“
- 7
За вас, кои верувате, овој Камен е скапоцен; а за оние што не веруваат: „Каменот што го отфрлија ѕидарите стана камен-темелник“,
- 8
и „камен за сопнување и карпа за соблазнување“. Тие се сопнуваат, бидејќи му се непокорни на зборот, за што се и определени.
- 9
А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, народ што е Божја сопственост, за да ги објавувате величествените дела на Оној Кој ве повика од темнината во Својата чудесна светлина.
- 10
Вие кои некогаш не бевте народ, сега сте Божји народ; вие кои некогаш не добивте милост, сега сте помилувани.
- 11
Мили мои, ве молам, како туѓинци и дојденци, да се воздржувате од желбите на телото, кои војуваат против душата.
- 12
Живејте чесно меѓу незнабошците, за оние што ве клеветат како злосторници, кога ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бог во денот на посетата.
- 13
Заради Господ, покорувајте ѝ се на секоја човечка власт: било на царот како врховен владетел,
- 14
било на управителите како негови пратеници, испратени да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро.
- 15
Зашто ова е Божја волја: правејќи добро, да го замолкнете незнаењето на неразумните луѓе.
- 16
Живејте како слободни, но не користете ја слободата како покривка за злото, туку како Божји слуги.
- 17
Почитувајте ги сите, сакајте го братството, имајте страв од Бог, почитувајте го царот!
- 18
А вие, слугите, покорувајте им се на своите господари со сета почит, не само на добрите и кротките, туку и на неправедните.
- 19
Зашто тоа е угодно пред Бог ако човек, заради совеста пред Него, поднесува маки кога неправедно страда.
- 20
Инаку, каква е пофалбата ако трпите кога ве казнуваат за вашите престапи? Но ако страдате и трпите кога правите добро, тоа е угодно пред Бог.
- 21
Зашто за тоа сте повикани, бидејќи и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да одите и вие по Неговите стапки.
- 22
Тој не направи грев и не се најде измама во Неговата уста.
- 23
Тој, Кој беше навредуван, не возвраќаше со навреда; кога страдаше – не се закануваше, туку се довери Себеси на Оној Кој суди праведно.
- 24
Тој Сам во Своето тело ги понесе нашите гревови на дрвото, за ние, откако умревме за гревовите, да живееме за праведноста. Преку Неговите рани бевте исцелени.
- 25
Зашто бевте како овци што скитаат, но сега се вративте кај Пастирот и Чуварот на вашите души..