1 Петар
Глава 1
- 1
Петар, апостол на Исус Христос, до избраните дојденци, расеани во Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија,
- 2
избрани според предзнаењето на Бог Таткото, преку осветувањето на Духот, за послушност кон Исус Христос и попрскување со Неговата крв: благодатта и мирот да ви се умножат.
- 3
Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост нѐ роди одново за жива надеж, преку воскресението на Исус Христос од мртвите,
- 4
за нераспадливо и неизвалкано наследство, кое не венее, запазено на небесата за вас,
- 5
кои сте зачувани со Божјата сила, преку верата за спасение, готово да се открие во последно време.
- 6
Во тоа многу се радувате, иако сега за кратко, ако е потребно, сте нажалени од разни искушенија,
- 7
за да се покаже провереноста на вашата вера, која е поскапоцена од пропадливото злато што се испитува со оган, за пофалба, слава и чест при откровението на Исус Христос,
- 8
Кого Го љубите иако не сте Го виделе, во Кого верувате, иако сега не Го гледате, и се радувате со неискажлива радост полна со слава,
- 9
постигнувајќи ја целта на својата вера: спасение на душите.
- 10
Ова спасение го бараа и внимателно го истражуваа пророците, кои пророкуваа за благодатта наменета за вас.
- 11
Тие испитуваа на кое или какво време посочуваше Христовиот Дух, Кој беше во нив, кога однапред навестуваше за Христовите страдања и за идната слава.
- 12
Ним им беше откриено дека не си служеле себеси, туку вам, кога зборувале за она што сега ви го објавија оние што ви го проповедаа Евангелието преку Светиот Дух, испратен од небото – нешта во кои и ангелите копнеат да се вѕираат.
- 13
Затоа подгответе го својот ум за дејствување, бидете трезвени и положете ја сета своја надеж во благодатта што ќе ви биде донесена при откровението на Исус Христос.
- 14
Како послушни чеда, не сообразувајте се со некогашните желби што ги имавте за време на незнаењето,
- 15
туку како и Светиот Кој ве повика, бидете и самите свети во сето свое поведение,
- 16
зашто е напишано: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“
- 17
И ако Го нарекувате Татко Оној Кој непристрасно го суди секого според неговите дела, поминете го времето на своето туѓинство во страв од Бог,
- 18
знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, како сребро или злато, од суетниот живот што сте го наследиле од своите татковци,
- 19
туку со скапоцената Христова крв, како на Јагне без недостаток и без дамка,
- 20
Кој беше однапред познат уште пред создавањето на светот, а се јави во овие последни времиња заради вас
- 21
Преку Него вие верувате во Бог Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, така што вашата вера и вашата надеж да бидат во Бог.
- 22
Откако ги очистивте своите души преку послушност кон вистината за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг искрено и од срце,
- 23
зашто сте родени одново, не од распадливо семе, туку од нераспадливо, преку живиот и вечен Божји Збор.
- 24
Зашто „секое тело е како трева и сета негова слава како цвет од трева: тревата венее и цветот отпаѓа,
- 25
а Господовиот збор останува довека.“ Тоа е Зборот што ви беше проповедан како Евангелие.