Јаков
Глава 5
- 1
Дојдете сега, вие богатите, плачете и лелекајте поради неволјите што доаѓаат врз вас.
- 2
Вашето богатство изгни, а вашата облека ја изедоа молци.
- 3
Вашето злато и сребро зарѓаа, а нивната рѓа ќе сведочи против вас и како оган ќе го изеде вашето тело. Натрупавте богатство во последните денови.
- 4
Ете, платата на работниците што ги ожнеаја вашите ниви, а вие им ја задржавте, вика против вас; и повиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Војските.
- 5
На земјата живеевте раскошно и во уживања; ги згоевте своите срца за ден на клање.
- 6
Го осудивте, го убивте праведникот, а тој не ви се противи.
- 7
И така, имајте трпение, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не ги добие раниот и доцниот дожд.
- 8
Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто близу е Господовото доаѓање.
- 9
Не мрморете, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени; ете, Судијата стои пред вратата.
- 10
Како пример за страдањата и трпението земете ги, браќа, пророците кои зборуваа во Господовото име.
- 11
Ете, блажени ги нарекуваме оние што останаа постојани. Чувте за трпението на Јов и видовте каков исход му даде Господ, зашто Господ е полн со милост и сочувство.
- 12
А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга заклетва! Туку вашето „да“ нека биде „да“, а вашето „не“ – „не“, за да не паднете под осуда.
- 13
Страда ли некој меѓу вас, нека се моли. Весел ли е некој, нека пее пофалби.
- 14
Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика старешините на црквата, а тие нека се помолат над него и нека го помазат со масло во името на Господ.
- 15
И молитвата со вера ќе го исцели болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени.
- 16
Затоа исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите. Делотворната молитва на праведникот има голема сила.
- 17
Илија беше човек ист како и ние, и усрдно се помоли да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци.
- 18
И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод.
- 19
Браќа мои, ако некој меѓу вас скршне од вистината и ако некој го врати,
- 20
нека знае дека оној што ќе врати грешник од неговиот погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.