Прескокни кон главната содржина

Јаков

Глава 4

  1. Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсти што војуваат во вас?

  2. Посакувате, а немате; убивате и завидувате, но не можете да го добиете она што го сакате, па се борите и војувате. Немате затоа што не барате.

  3. Барате, но не добивате, зашто барате со лоша намера, за да го потрошите на своите страсти.

  4. Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство кон Бог? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бог.

  5. Или мислите дека Писмото напразно вели: „Бог ревносно го посакува духот што го всели во нас“?

  6. Но Тој дава поголема благодат. Затоа вели: „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“

  7. Затоа покорете Му се на Бог, а спротивставете му се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас.

  8. Приближете се кон Бог, и Тој ќе се приближи кон вас. Исчистете ги рацете, грешници, и очистете ги срцата, вие кои сте двоумни!

  9. Бидете нажалени, тагувајте и плачете; вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост!

  10. Понизете се пред Господ, и Тој ќе ве возвиши!

  11. Не зборувајте зло еден за друг, браќа. Оној што зборува зло за својот брат или го суди својот брат, зборува зло за Законот и го суди Законот. А ако го судиш Законот, не си извршител на Законот, туку судија.

  12. Има само еден Законодавец и Судија, Оној Кој може да спаси и да погуби. А кој си ти што го судиш ближниот?

  13. Чујте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе отидеме во тој и тој град и таму ќе останеме една година, ќе тргуваме и ќе спечалиме“,

  14. а не знаете што ќе биде утре. Што е вашиот живот? Вие сте како пареа што се појавува за кратко, а потоа исчезнува.

  15. Наместо да велите: „Ако Господ сака, ќе живееме и ќе направиме ова или она“,

  16. но сега се фалите со своите самоуверени планови. Секоја таква фалба е зла.

  17. И така, кој знае да прави добро, а не го прави, прави грев.