Јаков
Глава 3
- 1
Браќа мои, немојте многумина од вас да стануваат учители, зашто знаете дека ќе бидеме построго судени.
- 2
Зашто сите ние грешиме на разни начини. Ако некој не греши во зборовите, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело.
- 3
Ако им ставаме узди во устите на коњите за да ни се покоруваат, тогаш управуваме и со целото нивно тело.
- 4
Ете, и бродовите, иако се толку големи и ги носат силни ветрови, со многу мало кормило се управуваат онаму каде што сака кормиларот.
- 5
Така и јазикот е мал орган од телото, но се фали со големи работи. Ете, колку мал оган запалува голема шума!
- 6
И јазикот е оган, цел свет на неправда. Тој е меѓу нашите телесни членови и го осквернува целото тело; го запалува целиот тек на животот, а самиот е запален од геената (вечната казна).
- 7
Зашто секој вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни се скротуваат и биле скротувани од човечкиот род,
- 8
но јазикот никој од луѓето не може да го скроти; тој е немирно зло, полн со смртоносен отров.
- 9
Со него Го благословуваме Господ и Татко, а со него ги проколнуваме луѓето создадени според Божјиот Лик.
- 10
Од иста уста излегуваат благослов и клетва. Браќа, тоа не смее да биде така.
- 11
Може ли од ист извор да тече и слатка и горчлива вода?
- 12
Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата да роди смокви? Ниту солен извор не може да даде слатка вода.
- 13
Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со доброто поведение нека ги покаже своите дела со мудра кротост.
- 14
Но ако во своето срце имате горчлива завист и себичност, не фалете се и не лажете против вистината.
- 15
Тоа не е мудрост што слегува одозгора, туку е земна, душевна, демонска;
- 16
зашто каде што има завист и раздор, таму владее безредие и секакво зло.
- 17
А мудроста што доаѓа одозгора, пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, блага, послушна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна.
- 18
А плодот на праведноста се сее во мир од оние што создаваат мир.