Јаков
Глава 2
- 1
Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос и не бидете пристрасни!
- 2
Зашто ако на вашиот собир дојде човек со златен прстен и со убава облека, а влезе и сиромав во валкана облека,
- 3
и му укажете посебно внимание на оној во убавата облека и му речете: „Ти седни тука на добро место“, а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму“ или: „Седни тука под моето подножје“,
- 4
не правите ли разлики меѓу себе и така станувате судии со зли мисли?
- 5
Послушајте, мили мои браќа: не ги избра ли Бог оние што се сиромашни во очите на светот да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го љубат?
- 6
А вие го пониживте сиромашниот! Зар богатите не се тие што ве угнетуваат и ве влечат на суд?
- 7
Не го хулат ли тие чесното име со кое сте наречени?
- 8
Ако пак го исполнувате царскиот закон, според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“ – добро правите.
- 9
Но ако сте пристрасни, правите грев и законот ве осудува како престапници.
- 10
Зашто оној што го запазува целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сѐ.
- 11
Зашто Оној Кој рекол: „Не врши прељуба!“ рекол и: „Не убивај!“ Ако не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот.
- 12
Така зборувајте и така постапувајте како луѓе кои ќе бидат судени според законот на слободата.
- 13
Зашто судот ќе биде без милост кон оној што не покажал милост. Милоста победува над судот.
- 14
Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси?
- 15
Ако некој брат или некоја сестра се без облека и имаат потреба од секојдневна храна,
- 16
па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“, а не им го даде она што им е потребно за телото, каква е ползата од тоа?
- 17
Така е и со верата: ако нема дела, мртва е сама по себе.
- 18
Но некој ќе рече: „Ти имаш вера, а јас имам дела.“ Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку своите дела ќе ти ја покажам мојата вера.
- 19
Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш! И демоните веруваат и треперат.
- 20
Сакаш ли да разбереш, празноглав човеку, дека верата без дела е бесплодна?
- 21
Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан преку делата кога го принесе својот син Исак на жртвеникот?
- 22
Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и преку делата верата стана совршена,
- 23
и така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бог, и тоа му се припиша за праведност, и беше наречен Божји пријател.“
- 24
Гледате дека човек се оправдува преку дела, а не само преку вера.
- 25
Исто така и блудницата Раав, не се оправда ли преку дела, кога ги прими гласниците и ги испрати по друг пат?
- 26
Зашто, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва.