Прескокни кон главната содржина

1 Цареви

Глава 10

  1. 1

    Кога Савската царица слушна за славата на Соломон поврзана со Господовото име, дојде да го испита со тешки прашања.

  2. 2

    Дојде во Ерусалим со многу голема придружба, со камили натоварени со мириси, со многу злато и со скапоцени камења. Кога дојде кај Соломон, разговараше со него за сѐ што имаше во своето срце.

  3. 3

    Соломон ѝ одговори на сите нејзини прашања. За царот немаше ништо толку тешко што не можеше да ѝ го објасни.

  4. 4

    Кога Савската царица ја виде целата мудрост на Соломон и дворецот што го изгради,

  5. 5

    храната на неговата трпеза, начинот на кој седеа неговите службеници, служењето и облеката на неговите слуги, неговите пехарници и величествениот влез по кој се искачуваше во Господовиот дом, остана без здив.

  6. 6

    Таа му рече на царот: „Вистинито било она што го слушнав во својата земја за твоите дела и за твојата мудрост.

  7. 7

    Не им верував на тие зборови сѐ додека не дојдов и не видов со своите очи. Но, ете, не ми била кажана ни половината! Твојата мудрост и твоето богатство се поголеми од она што го слушнав.

  8. 8

    Среќни се твоите луѓе и среќни се овие твои слуги, кои постојано стојат пред тебе и ја слушаат твојата мудрост!

  9. 9

    Нека биде благословен Господ, твојот Бог, Кој благонаклоно те поставил на Израелевиот престол. Бидејќи Господ го љуби Израел засекогаш, те поставил за цар за да делиш право и правда.“

  10. 10

    Таа му даде на царот сто и дваесет таланти злато, многу големо количество мириси и скапоцени камења. Никогаш повеќе не беше донесено толку големо количество мириси како она што Савската царица му го даде на царот Соломон.

  11. 11

    И Хирамовите бродови, кои носеа злато од Офир, донесоа од Офир и големо количество алмугово дрво и скапоцени камења.

  12. 12

    Од алмуговото дрво царот направи огради за Господовиот дом и за царскиот дворец, како и харфи и лири за пејачите. Такво алмугово дрво никогаш дотогаш не било донесено ниту видено.

  13. 13

    Царот Соломон ѝ даде на Савската царица сѐ што посака и побара, покрај даровите што самиот цар Соломон великодушно ѝ ги даде. Потоа таа со своите слуги се врати и си отиде во својата земја.

  14. 14

    Златото што му пристигнуваше на Соломон секоја година тежеше шестотини шеесет и шест таланти,

  15. 15

    без она што доаѓаше од трговците, од прометот на трговските каравани, од сите арапски цареви и од управителите на земјата.

  16. 16

    Царот Соломон направи двесте големи штитови од ковано злато; за секој штит употреби по шестотини сикли злато.

  17. 17

    Направи и триста помали штитови од ковано злато; за секој штит употреби по три мини злато, односно околу 1,7 килограми. Царот ги постави во домот наречен Ливанска шума.

  18. 18

    Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со најчисто злато.

  19. 19

    Престолот имаше шест скалила, а неговиот горен дел одзади беше заоблен. Од двете страни на седиштето имаше потпирачи за рацете, а покрај потпирачите стоеја два лава.

  20. 20

    Дванаесет лавови стоеја на шесте скалила, по еден од секоја страна на секое скалило. Такво нешто не било направено во ниедно друго царство.

  21. 21

    Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа од злато, а и сите садови во домот Ливанска шума беа од чисто злато. Ништо не беше од сребро, зашто во деновите на Соломон среброто не се сметаше за нешто вредно.

  22. 22

    Царот имаше на морето тарсиска флота заедно со Хирамовата флота. Еднаш на секои три години тарсиската флота донесуваше злато, сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.

  23. 23

    Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви по богатство и мудрост.

  24. 24

    Луѓе од целиот свет бараа да дојдат пред Соломон за да ја слушаат мудроста што Бог ја стави во неговото срце.

  25. 25

    Секој од нив секоја година го носеше својот дар: сребрени и златни предмети, облека, оружје, мириси, коњи и мазги.

  26. 26

    Соломон собра бојни коли и коњаници. Имаше илјада и четиристотини бојни коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги размести во градовите за бојни коли и кај царот во Ерусалим.

  27. 27

    Царот направи среброто во Ерусалим да биде многубројно како камењата, а кедрите да бидат многубројни како дивите смокви во низините.

  28. 28

    Коњите на Соломон се увезуваа од Египет. Царските трговци ги купуваа во групи по определена цена.

  29. 29

    Една бојна кола увезена од Египет чинеше шестотини сикли сребро, а еден коњ сто и педесет. Преку царските трговци тие ги извезуваа и за сите хетејски и сириски цареви.