1 Цареви
Глава 9
- 1
Кога Соломон го заврши Господовиот дом, царскиот дворец и сѐ друго што сакаше да изгради,
- 2
Господ му се јави на Соломон вторпат, како што му се јави во Гаваон.
- 3
Господ му рече: „Ја слушнав твојата молитва и молбата што ја упати пред Мене. Го осветив овој дом што го изгради, за таму да го поставам Моето име засекогаш. Моите очи и Моето срце ќе бидат таму во сите денови.
- 4
А ти, ако одиш пред Мене како што одеше твојот татко Давид, со искрено и исправно срце, и го извршуваш сето она што ти го заповедав, пазејќи ги Моите одредби и закони,
- 5
тогаш ќе го утврдам престолот на твоето царство над Израел засекогаш, како што му ветив на твојот татко Давид: ‚Нема да ти недостига потомок што ќе седи на Израелевиот престол.‘
- 6
Но ако вие и вашите потомци се одвратите од Мене и не ги пазите Моите заповеди и одредби што ви ги поставив, туку отидете, им служите на други богови и им се поклонувате,
- 7
тогаш ќе го истребам Израел од земјата што му ја дадов. Овој дом, кој го осветив за Моето име, ќе го отфрлам од пред Своето лице, а Израел ќе стане поговорка и предмет на потсмев меѓу сите народи.
- 8
А за овој дом, кој стана толку возвишен, секој што ќе помине покрај него ќе се вчудовиди, ќе потсвирне и ќе праша: ‚Зошто Господ ѝ го направи ова на оваа земја и на овој дом?‘
- 9
Тогаш ќе одговорат: ‚Затоа што Го напуштија Господ, својот Бог, Кој ги изведе нивните татковци од Египетската земја; прифатија други богови, им се поклонија и им служеа. Затоа Господ го донесе врз нив сето ова зло.‘“
- 10
По дваесетте години во кои Соломон ги изгради двата дома – Господовиот дом и царскиот дворец –
- 11
Хирам, царот на Тир, му доставуваше на Соломон кедрово и чемпресово дрво и злато колку што сакаше. Тогаш царот Соломон му даде на Хирам дваесет градови во Галилејската земја.
- 12
Хирам дојде од Тир да ги види градовите што му ги даде Соломон, но тие не му се допаднаа.
- 13
Тој рече: „Какви се овие градови што ми ги даде, брате мој?“ И ги нарече земја Хавул, како што се нарекуваат до денес.
- 14
Хирам му испрати на царот сто и дваесет таланти злато.
- 15
Ова е причината поради која царот Соломон воведе задолжителна работа: за да го изгради Господовиот дом, својот дворец, Мило, ерусалимскиот ѕид, Асор, Мегидо и Гезер.
- 16
Египетскиот фараон го нападна и го освои Гезер, го запали со оган и ги уби Ханаанците што живееја во градот. Потоа ѝ го даде како мираз на својата ќерка, Соломоновата жена.
- 17
Соломон ги изгради Гезер, Долен Вет-Орон,
- 18
Ваалат и Тамар во пустината, во земјата,
- 19
како и сите градови за складишта што му припаѓаа на Соломон, градовите за бојните коли и градовите за коњаниците. Го изгради и сето она што сакаше да го изгради во Ерусалим, во Ливан и низ целата земја на своето царство.
- 20
Сите луѓе што останаа од Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, кои не беа од Израелевите синови,
- 21
односно нивните потомци што останаа по нив во земјата и кои Израелевите синови не можеа целосно да ги уништат, Соломон ги принуди на задолжителна работа, како што е и до денес.
- 22
Но од Израелевите синови Соломон никого не направи роб. Тие беа негови војници, службеници, владетели, војсководци и заповедници над неговите бојни коли и коњаници.
- 23
Главните надзорници над Соломоновите работи беа петстотини и педесет. Тие управуваа со народот што ја извршуваше работата.
- 24
Фараоновата ќерка се пресели од Давидовиот град во својот дворец што Соломон го изгради за неа. Потоа тој го изгради Мило.
- 25
Три пати во годината Соломон принесуваше жртви паленици и жртви за мир на жртвеникот што Му го изгради на Господ и кадеше пред Господ. Така го доврши домот.
- 26
Царот Соломон изгради и бродови во Есион-Гавер, кој е близу до Елот, на брегот на Црвеното Море, во Едомската земја.
- 27
Хирам на бродовите испрати свои слуги, искусни морепловци, заедно со слугите на Соломон.
- 28
Тие отидоа во Офир, оттаму зедоа четиристотини и дваесет таланти злато и му ги донесоа на царот Соломон.