1 Цареви
Глава 16
- 1
Тогаш Господовиот збор дојде до Јуј, синот на Ананиј, против Васа:
- 2
„Те издигнав од правта и те поставив за водач над Мојот народ Израел, но ти одеше по патот на Јеровоам и го наведуваше Мојот народ Израел да греши, па Ме разгневуваше со нивните гревови.
- 3
Затоа, еве, целосно ќе го отстранам Васа и неговиот дом, и ќе го направам твојот дом како домот на Јеровоам, синот на Нават.
- 4
Оној од Васиниот род што ќе умре во градот ќе го изедат кучињата, а оној што ќе умре во полето ќе го изедат небесните птици.“
- 5
Останатите дела на Васа, она што го направи и неговата сила, не се ли запишани во Книгата на летописите на Израелевите цареви?
- 6
Васа почина и беше погребан во Терса. Наместо него се зацари неговиот син Ила.
- 7
Господовиот збор дојде преку пророкот Јуј, синот на Ананиј, против Васа и против неговиот дом – и поради сето зло што го направи во Господовите очи, разгневувајќи Го со делата на своите раце и станувајќи како Јеровоамовиот дом, и поради тоа што го погуби тој дом.
- 8
Во дваесет и шестата година од царувањето на јудејскиот цар Аса, Ила, синот на Васа, стана цар над Израел во Терса и царуваше две години.
- 9
Неговиот слуга Зимри, заповедник на половината од неговите бојни коли, направи заговор против него. Ила беше во Терса и пиеше сѐ додека не се опи во домот на Арса, управителот на неговиот дворец во Терса.
- 10
Зимри влезе, го удри и го уби во дваесет и седмата година од царувањето на јудејскиот цар Аса, и се зацари наместо него.
- 11
Штом стана цар и седна на престолот, Зимри го погуби целиот Васин дом. Не му остави ниту еден машки, ниту некој од неговите роднини или пријатели.
- 12
Така Зимри го истреби целиот Васин дом, според Господовиот збор што го кажа против Васа преку пророкот Јуј,
- 13
поради сите гревови на Васа и гревовите на неговиот син Ила, со кои тие згрешија и го наведоа Израел да греши, разгневувајќи Го Господ, Израелевиот Бог, со своите безвредни идоли.
- 14
Останатите дела на Ила и сѐ што направи, не се ли запишани во Книгата на летописите на Израелевите цареви?
- 15
Во дваесет и седмата година од царувањето на јудејскиот цар Аса, Зимри стана цар и царуваше седум дена во Терса. Народот тогаш беше улогорен против Гиветон, кој им припаѓаше на Филистејците.
- 16
Кога народот во логорот слушна дека Зимри направил заговор и го убил царот, целиот Израел истиот ден во логорот го постави војсководецот Амри за цар над Израел.
- 17
Амри и целиот Израел со него тргнаа од Гиветон и ја опколија Терса.
- 18
Кога Зимри виде дека градот е освоен, влезе во тврдината на царскиот дом, го запали царскиот дом над себе и умре,
- 19
поради гревовите што ги направи, правејќи зло во Господовите очи, одејќи по патот на Јеровоам и во гревот што тој го направи, наведувајќи го Израел да греши.
- 20
Останатите дела на Зимри и заговорот што го направи, не се ли запишани во Книгата на летописите на Израелевите цареви?
- 21
Тогаш Израелевиот народ се раздели на две страни: половината од народот го следеше Тивни, синот на Гинат, за да го постави за цар, а другата половина го следеше Амри.
- 22
Но народот што го следеше Амри го надвладеа народот што го следеше Тивни, синот на Гинат. Тивни умре, а Амри стана цар.
- 23
Во триесет и првата година од царувањето на јудејскиот цар Аса, Амри стана цар над Израел и царуваше дванаесет години. Шест години царуваше во Терса.
- 24
Тој го купи ридот Самарија од Семер за два таланта сребро, изгради град на ридот и го нарече градот Самарија, според името на Семер, сопственикот на ридот.
- 25
Амри правеше зло во Господовите очи и постапуваше полошо од сите што беа пред него.
- 26
Одеше по сите патишта на Јеровоам, синот на Нават, и во неговиот грев, со кој го наведе Израел да греши и да Го разгневува Господ, Израелевиот Бог, со своите безвредни идоли.
- 27
Останатите дела на Амри, она што го направи и силата што ја покажа, не се ли запишани во Книгата на летописите на Израелевите цареви?
- 28
Амри почина и беше погребан во Самарија. Наместо него се зацари неговиот син Ахав.
- 29
Во триесет и осмата година од царувањето на јудејскиот цар Аса, Ахав, синот на Амри, стана цар над Израел. Ахав, синот на Амри, царуваше над Израел во Самарија дваесет и две години.
- 30
Ахав, синот на Амри, правеше повеќе зло во Господовите очи од сите што беа пред него.
- 31
Како да му беше малку што одеше во гревовите на Јеровоам, синот на Нават, тој ја зеде за жена Језавела, ќерка на Етваал, сидонскиот цар, и отиде да му служи на Ваал и да му се поклонува.
- 32
Му изгради жртвеник на Ваал во Вааловиот храм што го изгради во Самарија.
- 33
Ахав направи и ашера. Така Ахав направи повеќе од сите Израелеви цареви што беа пред него за да Го разгневи Господ, Израелевиот Бог.
- 34
Во неговите денови Ветилецот Хиил повторно го изгради Ерихон. Темелите ги постави по цена на животот на својот првороден син Авирон, а портите ги постави по цена на животот на својот најмлад син Сегув, според Господовиот збор што го кажа преку Исус, синот на Навин.