1 Цареви
Глава 3
Соломон се поврза со фараонот, египетскиот цар, така што се ожени со неговата ќерка. Ја доведе во Давидовиот град и таа живееше таму додека тој не ја заврши изградбата на својот дворец, Господовиот дом и ѕидот околу Ерусалим. (1 Цареви 3:1)
Во тоа време народот сѐ уште принесуваше жртви на возвишените места, зашто дотогаш не беше изграден дом за Господовото име. (1 Цареви 3:2)
Соломон Го љубеше Господ и одеше според одредбите на својот татко Давид, но сепак принесуваше жртви и кадеше на возвишените места. (1 Цареви 3:3)
Царот отиде во Гаваон за да принесе жртви таму, зашто тоа беше главното возвишено место. Соломон принесе илјада жртви паленици на тој жртвеник. (1 Цареви 3:4)
Во Гаваон Господ му се јави на Соломон ноќе во сон. Бог му рече: „Побарај што сакаш да ти дадам.“ (1 Цареви 3:5)
Соломон одговори: „Ти му покажа голема милост на Својот слуга, мојот татко Давид, зашто тој одеше пред Тебе верно, праведно и со исправно срце. Ја запази оваа голема милост кон него и му даде син кој денес седи на неговиот престол. (1 Цареви 3:6)
И сега, Господи, Боже мој, Ти го постави Својот слуга за цар наместо мојот татко Давид, но јас сум млад и неискусен и не знам како правилно да го водам народот. (1 Цареви 3:7)
Твојот слуга е среде Твојот народ што го избра, толку голем народ што поради неговото мноштво не може ниту да се изброи ниту да се пресмета. (1 Цареви 3:8)
Затоа дај му на Својот слуга разумно срце за да му суди на Твојот народ и да разликува добро од зло. Зашто кој може да му суди на овој Твој голем народ?“ (1 Цареви 3:9)
На Господ Му беше мило што Соломон го побара тоа. (1 Цареви 3:10)
Бог му рече: „Бидејќи го побара ова и не побара за себе долг живот, ниту богатство, ниту смрт на своите непријатели, туку побара разум за правилно да судиш, (1 Цареви 3:11)
ќе направам според твоите зборови. Ете, ти давам мудро и разумно срце, какво што немал никој пред тебе и какво што нема да има никој по тебе. (1 Цареви 3:12)
Ќе ти го дадам и она што не го побара: богатство и слава, така што во сите твои денови нема да има цар како тебе. (1 Цареви 3:13)
А ако одиш по Моите патишта, ги пазиш Моите одредби и заповеди како што одеше твојот татко Давид, ќе ти дадам и долг живот.“ (1 Цареви 3:14)
Тогаш Соломон се разбуди и сфати дека тоа беше сон. Дојде во Ерусалим, застана пред ковчегот на Господовиот завет и принесе жртви паленици и жртви за мир. Потоа приреди гозба за сите свои слуги. (1 Цареви 3:15)
Во тоа време кај царот дојдоа две жени блудници и застанаа пред него. (1 Цареви 3:16)
Едната жена рече: „Господару мој, јас и оваа жена живееме во иста куќа. Јас родив дете додека таа беше во куќата. (1 Цареви 3:17)
На третиот ден откако се породив, се породи и оваа жена. Бевме заедно и немаше никој друг со нас во куќата, освен ние двете. (1 Цареви 3:18)
Но синот на оваа жена умрел во текот на ноќта, зашто таа легнала врз него. (1 Цареви 3:19)
Таа станала среде ноќ, го зела мојот син од мојата страна додека твојата слугинка спиела, го ставила во својата прегратка, а својот мртов син го ставила во мојата прегратка. (1 Цареви 3:20)
Кога станав наутро за да го надојам својот син, видов дека е мртов. Но кога подобро го погледнав на дневна светлина, сфатив дека тоа не е синот што го родив.“ (1 Цареви 3:21)
Другата жена рече: „Не е така! Живото дете е мое, а мртвото е твое.“ Но првата велеше: „Не! Мртвото е твое, а живото е мое.“ Така се препираа пред царот. (1 Цареви 3:22)
Тогаш царот рече: „Едната вели: ‚Ова живо дете е мое, а твоето е мртво‘, а другата вели: ‚Не, твоето е мртво, а моето е живо.‘“ (1 Цареви 3:23)
Потоа царот нареди: „Донесете ми меч.“ Му донесоа меч на царот. (1 Цареви 3:24)
Царот рече: „Пресечете го живото дете на две и дајте ѝ половина на едната, а половина на другата.“ (1 Цареви 3:25)
Тогаш жената чиј беше живиот син, поттикната од својата силна мајчинска љубов, му рече на царот: „Господару мој, дајте ѝ го нејзе живото дете! Само немојте да го убивате!“ Но другата рече: „Нека не биде ни мое ни твое; пресечете го!“ (1 Цареви 3:26)
Тогаш царот одговори: „Дајте ѝ го живото дете на првата жена и немојте да го убивате. Таа е неговата мајка.“ (1 Цареви 3:27)
Целиот Израел слушна за пресудата што ја донесе царот и се исплаши од него, зашто виде дека во него има Божја мудрост за да дели правда. (1 Цареви 3:28)