Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 27

  1. 1

    Давид си рече во своето срце: „Еден ден ќе загинам од Сауловата рака. За мене нема ништо подобро отколку да побегнам во филистејската земја. Тогаш Саул ќе престане да ме бара по сите Израелеви предели, и ќе се избавам од неговата рака.“

  2. 2

    Тогаш Давид стана и со шестотините мажи што беа со него отиде кај гетскиот цар Анхус, синот на Маох.

  3. 3

    Давид живееше кај Анхус во Гет, тој и неговите луѓе, секој со своето семејство. Со Давид беа и неговите две жени: Езраелката Ахиноама и Кармилката Авигеја, Наваловата жена.

  4. 4

    Кога му јавија на Саул дека Давид побегнал во Гет, тој повеќе не го бараше.

  5. 5

    Давид му рече на Анхус: „Ако најдов наклоност во твоите очи, нека ми дадат место во еден од полските градови, за да живеам таму. Зошто твојот слуга да живее со тебе во царскиот град?“

  6. 6

    Тој ден Анхус му го даде Сиклаг. Затоа Сиклаг им припаѓа на Јудините цареви до денес.

  7. 7

    Времето што Давид го помина во филистејската земја беше една година и четири месеци.

  8. 8

    Давид и неговите луѓе излегуваа и ги напаѓаа Гесурците, Гезерците и Амаличаните, зашто тие од старо време живееја во земјата што се протега кон Сур и до египетската земја.

  9. 9

    Давид ја опустошуваше земјата и не оставаше жив ни маж ни жена. Ги земаше овците, воловите, магарињата, камилите и облеката, а потоа се враќаше кај Анхус.

  10. 10

    Кога Анхус ќе прашаше: „Каде напаѓавте денес?“ Давид одговараше: „Во јужниот дел на Јуда“, или: „Во јужниот дел на Јерамеелците“, или: „Во јужниот дел на Кенејците.“

  11. 11

    Давид не оставаше жив ни маж ни жена за да ги доведе во Гет, мислејќи: „Да не кажат против нас: ‚Така постапуваше Давид.‘“ Таква беше неговата постапка сето време додека живееше во филистејската земја.

  12. 12

    Анхус му веруваше на Давид и си велеше: „Тој сигурно му станал омразен на својот народ Израел, па ќе ми биде слуга засекогаш.“