Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 29

  1. 1

    Филистејците ги собраа сите свои војски во Афек, а Израелците поставија логор кај изворот во Езраел.

  2. 2

    Филистејските владетели поминуваа со своите стотини и илјади, а Давид и неговите луѓе одеа одзади со Анхус.

  3. 3

    Тогаш филистејските заповедници прашаа: „Што бараат овие Евреи тука?“ Анхус им одговори: „Зар ова не е Давид, слугата на Израелевиот цар Саул, кој е со мене веќе долго време? Не најдов никаква вина во него од денот кога пребега кај мене до денес.“

  4. 4

    Но филистејските заповедници се разгневија на него и му рекоа: „Врати го овој човек! Нека се врати на местото што си му го определил и нека не оди со нас во битката, за да не ни стане противник во бојот. Со што подобро би можел да се помири со својот господар, освен со главите на овие наши луѓе?

  5. 5

    Зар ова не е Давид, за кого пееја играјќи: ‚Саул уби илјадници, а Давид десетици илјади‘?“

  6. 6

    Тогаш Анхус го повика Давид и му рече: „Како што е жив Господ, ти си чесен. Мило ми е што излегуваш и се враќаш со мене во војската, зашто не најдов зло во тебе од денот кога дојде кај мене до денес. Но владетелите не те одобруваат.

  7. 7

    Затоа сега врати се и оди си во мир, за да не им направиш нешто што нема да им биде мило на филистејските владетели.“

  8. 8

    Давид го праша Анхус: „Што направив? Каква вина најде во својот слуга од денот кога сум пред тебе до денес, па да не одам и да војувам против непријателите на мојот господар, царот?“

  9. 9

    Анхус му одговори на Давид: „Знам дека во моите очи си добар како Божји ангел. Но филистејските заповедници рекоа: ‚Нека не оди со нас во битката.‘

  10. 10

    Затоа стани рано наутро, ти и слугите на твојот господар што дојдоа со тебе. Станете рано, и штом се раздени, заминете.“

  11. 11

    Така Давид и неговите луѓе станаа рано наутро за да се вратат во филистејската земја, а Филистејците се искачија во Езраел.