1 Тимотеј
Глава 5
Не укорувај постар човек грубо, туку поттикнувај го како татко; помладите како браќа, (1 Тимотеј 5:1)
постарите жени како мајки, а младите како сестри, со секаква чистота. (1 Тимотеј 5:2)
Почитувај ги вдовиците што навистина се вдовици. (1 Тимотеј 5:3)
Ако некоја вдовица има деца или внуци, тие најнапред нека научат да ја покажуваат својата побожност во домот и да им возвраќаат на родителите, зашто тоа е угодно пред Бог. (1 Тимотеј 5:4)
А онаа што навистина е вдовица и останала сама, се надева на Бог и постојано упатува молби и молитви дење и ноќе. (1 Тимотеј 5:5)
Но онаа што живее во наслади, мртва е иако е жива. (1 Тимотеј 5:6)
Заповедај им го и ова, за да бидат беспрекорни. (1 Тимотеј 5:7)
Ако некој не се грижи за потребите на своите, а особено за своите домашни, тој се одрекол од верата и е полош од неверник. (1 Тимотеј 5:8)
Во списокот на вдовици нека биде запишана жена не помлада од шеесет години, жена на еден маж, (1 Тимотеј 5:9)
и е позната по добри дела: одгледувала деца, била гостољубива, им ги миела нозете на светите, им помагала на оние во неволја и ревносно вршела секое добро дело. (1 Тимотеј 5:10)
Помладите вдовици не запишувај ги, зашто кога телесните желби ќе ги оддалечат од Христос, сакаат повторно да се омажат, (1 Тимотеј 5:11)
со тоа паѓаат под осуда, зашто го прекршиле своето прво ветување. (1 Тимотеј 5:12)
Освен тоа, навикнуваат да бидат без работа и да одат од куќа во куќа; и не само што се без работа, туку и озборуваат и се мешаат во туѓи работи, зборувајќи што не треба. (1 Тимотеј 5:13)
Затоа сакам помладите вдовици да се омажат, да раѓаат деца, да се грижат за својот дом и да не му даваат на противникот никаков повод за клеветење. (1 Тимотеј 5:14)
Зашто некои веќе тргнаа по сатаната. (1 Тимотеј 5:15)
Ако некоја верничка има вдовици во своето семејство, нека им помага, за да не се оптоварува црквата и таа да може да им помогне на оние што навистина се вдовици. (1 Тимотеј 5:16)
Старешините што добро ја водат црквата нека се сметаат достојни за двојна почит, особено оние што се трудат во проповедањето и поучувањето. (1 Тимотеј 5:17)
Зашто Писмото вели: „Не врзувај му ја устата на волот што врши“ и: „Работникот ја заслужува својата плата.“ (1 Тимотеј 5:18)
Не примај обвинение против старешина, освен врз основа на двајца или тројца сведоци. (1 Тимотеј 5:19)
Оние што продолжуваат да грешат, укори ги пред сите, за и другите да имаат страв. (1 Тимотеј 5:20)
Те молам пред Бог, пред Исус Христос и пред избраните ангели да го пазиш ова без предрасуди и ништо да не правиш пристрасно. (1 Тимотеј 5:21)
Не полагај раце на никого пребрзо и не станувај соучесник во туѓи гревови. Чувај се чист. (1 Тимотеј 5:22)
Не пиј повеќе само вода, туку употребувај и по малку вино поради стомакот и твоите чести слабости. (1 Тимотеј 5:23)
Гревовите на некои луѓе се очигледни и одат пред нив на суд, а гревовите на други се откриваат подоцна. (1 Тимотеј 5:24)
Исто така и добрите дела се познати; а и оние што не се веднаш видливи не можат да останат скриени. (1 Тимотеј 5:25)