Прескокни кон главната содржина

1 Тимотеј

Глава 4

  1. 1

    А Духот јасно зборува дека во подоцнежните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења,

  2. 2

    преку лицемерието на лажливци, чија совест е жигосана.

  3. 3

    Тие забрануваат склучување брак и бараат луѓето да се воздржуваат од храна што Бог ја создал со благодарност да ја примаат оние што веруваат и ја познаваат вистината.

  4. 4

    Зашто секое Божјо создание е добро и ништо не треба да се отфрла кога се прима со благодарност,

  5. 5

    бидејќи се осветува преку Божјиот Збор и молитвата.

  6. 6

    Ако ги поучуваш браќата за ова, ќе бидеш добар служител на Христос Исус, хранејќи се со зборовите на верата и на доброто учење што верно го следиш.

  7. 7

    Одбегнувај ги безбожните бабини приказни, а вежбај се во побожност;

  8. 8

    зашто телесното вежбање има мала корист, а побожноста е корисна за сѐ, бидејќи има ветување и за сегашниот и за идниот живот.

  9. 9

    Веродостоен е зборот и достоен за целосно прифаќање.

  10. 10

    Затоа се трудиме и се бориме, бидејќи се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, особено на верниците.

  11. 11

    Ова заповедај им го на верниците и поучувај ги за тоа!

  12. 12

    Никој да не ја презира твојата младост, туку биди им пример на верниците во говорот, однесувањето, љубовта, верата и чистотата.

  13. 13

    Додека да дојдам, посветувај се на јавното читање на Писмото, на поттикнувањето и поучувањето.

  14. 14

    Не занемарувај го дарот што е во тебе, кој ти беше даден преку пророштво, со полагањето на рацете од старешините.

  15. 15

    Посвети им се на овие работи и биди целосно предаден на нив, за твојот напредок да им биде видлив на сите.

  16. 16

    Внимавај на себе и на учењето; остани посветен на тоа, зашто ако постапуваш така, ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат.