Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 12

  1. 1

    Кога царството на Ровоам се зацврсти и тој стана силен, го напушти Господовиот закон, а заедно со него и целиот Израел.

  2. 2

    Поради нивната неверност кон Господ, во петтата година од царувањето на Ровоам, египетскиот цар Сисак тргна против Ерусалим.

  3. 3

    Дојде со илјада и двесте бојни коли, шеесет илјади коњаници и безброен народ што дојде со него од Египет: Либијци, Сукијци и Етиопјани.

  4. 4

    Ги освои утврдените градови што му припаѓаа на Јуда и стигна до Ерусалим.

  5. 5

    Тогаш пророкот Семај дојде кај Ровоам и кај јудејските водачи, кои поради Сисак се собраа во Ерусалим, и им рече: „Вака вели Господ: ‚Вие Ме напуштивте, па затоа и Јас ве оставив во раката на Сисак.‘“

  6. 6

    Тогаш Израелевите водачи и царот се понизија и рекоа: „Господ е праведен.“

  7. 7

    Кога Господ виде дека се понизија, Господовиот збор дојде до Семај: „Тие се понизија. Нема да ги уништам, туку наскоро ќе им дадам избавување, и Мојот гнев нема да се излее врз Ерусалим преку Сисак.

  8. 8

    Сепак, ќе му станат слуги, за да ја познаат разликата меѓу служењето на Мене и служењето на земните царства.“

  9. 9

    Египетскиот цар Сисак тргна против Ерусалим и ги зеде ризниците од Господовиот дом и ризниците од царскиот дворец. Зеде сѐ, па ги зеде и златните штитови што ги направи Соломон.

  10. 10

    Наместо нив, царот Ровоам направи бронзени штитови и им ги предаде на заповедниците на телохранителите што го чуваа влезот во царскиот дворец.

  11. 11

    Секогаш кога царот влегуваше во Господовиот дом, телохранителите ги носеа штитовите, а потоа ги враќаа во просторијата на телохранителите.

  12. 12

    Бидејќи Ровоам се понизи, Господовиот гнев се одврати од него и не го уништи целосно. Освен тоа, во Јуда сѐ уште имаше нешто добро.

  13. 13

    Царот Ровоам се зацврсти во Ерусалим и продолжи да царува. Имаше четириесет и една година кога стана цар и царуваше седумнаесет години во Ерусалим, градот што Господ го избра меѓу сите Израелеви племиња за да го постави таму Своето име. Неговата мајка се викаше Наама и беше Амонка.

  14. 14

    Тој правеше зло, зашто не го насочи своето срце да Го бара Господ.

  15. 15

    Делата на Ровоам, од почетокот до крајот, се запишани во записите на пророкот Семај и на гледачот Идо, во записите за семејното потекло. Меѓу Ровоам и Јеровоам постојано имаше војни.

  16. 16

    Потоа Ровоам почина и беше погребан во Давидовиот град. Наместо него се зацари неговиот син Авија.