Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 11

  1. 1

    Кога Ровоам дојде во Ерусалим, го собра Јудиниот и Венијаминовиот дом – сто и осумдесет илјади избрани воини – за да војуваат против Израел и да му го вратат царството на Ровоам.

  2. 2

    Но Господовиот збор дојде до Божјиот човек Семај:

  3. 3

    „Кажи му на Ровоам, Соломоновиот син, јудејскиот цар, и на целиот Израел во Јуда и Венијамин:

  4. 4

    ‚Вака вели Господ: Не одете и не војувајте против своите браќа. Секој нека се врати во својот дом, зашто ова дојде од Мене.‘“ Тие ги послушаа Господовите зборови, се вратија и не тргнаа против Јеровоам.

  5. 5

    Ровоам живееше во Ерусалим и изгради утврдени градови во Јуда.

  6. 6

    Ги изгради Витлеем, Итам, Текоа,

  7. 7

    Вет-Сур, Сохо, Одолам,

  8. 8

    Гет, Мариса, Зиф,

  9. 9

    Адораим, Лахис, Азика,

  10. 10

    Сараја, Ајалон и Хеврон. Тоа беа утврдени градови во Јуда и Венијамин.

  11. 11

    Ги зацврсти тврдините, постави во нив заповедници и складираше храна, маслиново масло и вино.

  12. 12

    Во секој град постави штитови и копја и многу ги зацврсти. Така Јуда и Венијамин останаа под негова власт.

  13. 13

    Свештениците и левитите од целиот Израел доаѓаа кај него од сите свои краишта.

  14. 14

    Левитите ги напуштија своите пасишта и имоти и дојдоа во Јуда и Ерусалим, зашто Јеровоам и неговите синови ги отстранија од Господовата свештеничка служба.

  15. 15

    Јеровоам си постави свештеници за високите места, за демоните во облик на јарци и за телињата што ги направи.

  16. 16

    По нив, од сите Израелеви племиња во Ерусалим доаѓаа оние што искрено решија да Го бараат Господ, Израелевиот Бог, за да Му принесуваат жртви на Господ, Бог на своите татковци.

  17. 17

    Три години го зацврстуваа Јудиното царство и му даваа сила на Ровоам, Соломоновиот син, зашто три години одеа по патот на Давид и Соломон.

  18. 18

    Ровоам ја зеде за жена Маалата, ќерката на Јеримот, Давидовиот син, и на Авихаила, ќерката на Јесеевиот син Елијав.

  19. 19

    Таа му ги роди синовите Јеус, Семарија и Заам.

  20. 20

    По неа ја зеде Мааха, Авесаломовата ќерка, и таа му ги роди Авија, Атај, Зиза и Селомита.

  21. 21

    Ровоам ја љубеше Мааха, Авесаломовата ќерка, повеќе од сите свои жени и наложници. Тој имаше осумнаесет жени и шеесет наложници и му се родија дваесет и осум синови и шеесет ќерки.

  22. 22

    Ровоам го постави Авија, синот на Мааха, за главен меѓу неговите браќа, зашто сакаше да го постави за цар.

  23. 23

    Постапи мудро и ги распореди сите свои синови низ сите краишта на Јуда и Венијамин, во сите утврдени градови. Им даваше изобилна храна и им најде многу жени.