2 Летописи
Глава 10
- 1
Ровоам отиде во Шехем, зашто целиот Израел дојде во Шехем за да го постави за цар.
- 2
Кога Јеровоам, Наватовиот син, го слушна тоа – тој беше во Египет, каде што избега од царот Соломон – се врати од Египет.
- 3
Го повикаа, па Јеровоам и целиот Израел дојдоа кај Ровоам и му рекоа:
- 4
„Твојот татко го направи тежок нашиот јарем. Затоа сега олесни ја тешката служба на твојот татко и тешкиот јарем што ни го стави, па ќе ти служиме.“
- 5
Тој им рече: „Вратете се кај мене по три дена.“ И народот си отиде.
- 6
Царот Ровоам се посоветува со старешините што му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив. Ги праша: „Каков совет ми давате? Што да му одговорам на овој народ?“
- 7
Тие му одговорија: „Ако бидеш добар кон овој народ, ако им угодиш и им одговориш со љубезни зборови, тие ќе ти бидат слуги засекогаш.“
- 8
Но тој го отфрли советот што му го дадоа старешините и се посоветува со младите луѓе што пораснаа со него и му служеа.
- 9
Ги праша: „Каков совет ми давате? Што да му одговориме на овој народ, кој ми рече: ‚Олесни го јаремот што ни го стави твојот татко‘?“
- 10
Младите луѓе што пораснаа со него му рекоа: „Вака кажи му на народот што ти рече: ‚Твојот татко го направи тежок нашиот јарем, а ти олесни ни го.‘ Вака кажи им: ‚Мојот мал прст е подебел од половината на мојот татко.
- 11
Мојот татко ви стави тежок јарем, а јас ќе го направам уште потежок. Мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве казнувам со скорпии.‘“
- 12
На третиот ден Јеровоам и целиот народ дојдоа кај Ровоам, како што им рече царот: „Вратете се кај мене на третиот ден.“
- 13
Царот им одговори остро. Царот Ровоам го отфрли советот на старешините
- 14
и им зборуваше според советот на младите: „Мојот татко ви стави тежок јарем, а јас ќе го направам уште потежок. Мојот татко ве казнуваше со камшици, а јас ќе ве казнувам со скорпии.“
- 15
Така царот не го послуша народот, зашто тоа беше од Бог, за да го исполни зборот што Господ му го кажа на Јеровоам, Наватовиот син, преку Шилонецот Ахија.
- 16
Кога целиот Израел виде дека царот не ги послуша, народот му одговори на царот: „Каков дел имаме ние со Давид? Немаме наследство со Јесеевиот син! Израеле, секој во својот шатор! А сега, Давиде, грижи се за својот дом!“ Така целиот Израел си отиде во своите шатори.
- 17
Но над Израелевите синови што живееја во Јудините градови царуваше Ровоам.
- 18
Потоа царот Ровоам го испрати Адонирам, кој беше над задолжителните работници, но Израелевите синови го каменуваа и тој умре. Царот Ровоам едвај успеа да се качи во својата бојна кола и да избега во Ерусалим.
- 19
Така Израел се побуни против Давидовиот дом и остана така до денес.