2 Летописи
Глава 9
- 1
Кога Савската царица слушна за славата на Соломон, дојде во Ерусалим да го испита со тешки прашања. Дојде со многу голема придружба, со камили натоварени со мириси, со многу злато и со скапоцени камења. Кога дојде кај Соломон, разговараше со него за сѐ што имаше во своето срце.
- 2
Соломон ѝ одговори на сите нејзини прашања. За Соломон немаше ништо толку тешко што не можеше да ѝ го објасни.
- 3
Кога Савската царица ја виде мудроста на Соломон, дворецот што го изгради,
- 4
храната на неговата трпеза, начинот на кој седеа неговите службеници, служењето и облеката на неговите слуги, неговите пехарници и нивната облека, како и жртвите паленици што ги принесуваше во Господовиот дом, остана без здив.
- 5
Таа му рече на царот: „Вистинито било она што го слушнав во својата земја за твоите дела и за твојата мудрост.
- 6
Не им верував на тие зборови сѐ додека не дојдов и не видов со своите очи. Но, ете, не ми била кажана ни половината од големината на твојата мудрост! Ти го надминуваш она што го слушнав.
- 7
Среќни се твоите луѓе и среќни се овие твои слуги, кои постојано стојат пред тебе и ја слушаат твојата мудрост!
- 8
Нека биде благословен Господ, твојот Бог, Кој благонаклоно те поставил на Својот престол како цар за Господ, твојот Бог. Бидејќи твојот Бог го љуби Израел и сака да го утврди засекогаш, те постави за цар над него, за да делиш право и правда.“
- 9
Таа му даде на царот сто и дваесет таланти злато, многу големо количество мириси и скапоцени камења. Никогаш повеќе не било донесено толку големо количество мириси како она што Савската царица му го даде на царот Соломон.
- 10
Слугите на Хирам и слугите на Соломон, кои носеа злато од Офир, донесоа и алмугово дрво и скапоцени камења.
- 11
Од алмуговото дрво царот направи скали за Господовиот дом и за царскиот дворец, како и харфи и лири за пејачите. Такво нешто никогаш дотогаш не било видено во Јудината земја.
- 12
Царот Соломон ѝ даде на Савската царица сѐ што посака и побара, покрај даровите што таа му ги донесе на царот. Потоа таа со своите слуги се врати и си отиде во својата земја.
- 13
Златото што му пристигнуваше на Соломон секоја година тежеше шестотини шеесет и шест таланти,
- 14
без она што доаѓаше од патувачките трговци и од трговците, од сите арапски цареви и од управителите на земјата, кои му носеа злато и сребро на Соломон.
- 15
Царот Соломон направи двесте големи штитови од ковано злато; за секој штит употреби по шестотини сикли ковано злато.
- 16
Направи и триста помали штитови од ковано злато; за секој штит употреби по триста сикли злато. Царот ги постави во домот наречен Ливанска шума.
- 17
Царот направи и голем престол од слонова коска и го обложи со чисто злато.
- 18
Престолот имаше шест скалила и златно подножје прицврстено за престолот. Од двете страни на седиштето имаше потпирачи за рацете, а покрај потпирачите стоеја два лава.
- 19
Дванаесет лавови стоеја на шесте скалила, по еден од секоја страна на секое скалило. Такво нешто не било направено во ниедно друго царство.
- 20
Сите садови од кои пиеше царот Соломон беа од злато, а и сите садови во домот Ливанска шума беа од чисто злато. Ништо не беше од сребро, зашто во деновите на Соломон среброто не се сметаше за нешто вредно.
- 21
Царските бродови одеа во Тарсис со слугите на Хирам. Еднаш на секои три години тарсиските бродови донесуваа злато, сребро, слонова коска, мајмуни и пауни.
- 22
Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви по богатство и мудрост.
- 23
Сите земни цареви бараа да дојдат пред Соломон за да ја слушаат мудроста што Бог ја стави во неговото срце.
- 24
Секој од нив секоја година го носеше својот дар: сребрени и златни предмети, облека, оружје, мириси, коњи и мазги.
- 25
Соломон имаше четири илјади штали за коњите и бојните коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги размести во градовите за бојни коли и кај царот во Ерусалим.
- 26
Тој владееше над сите цареви од реката Еуфрат до Филистејската земја и до египетската граница.
- 27
Царот направи среброто во Ерусалим да биде многубројно како камењата, а кедрите многубројни како дивите смокви во низините.
- 28
На Соломон му носеа коњи од Египет и од сите земји.
- 29
Останатите дела на Соломон, од почетокот до крајот, се запишани во записите на пророкот Натан, во пророштвото на Шилонецот Ахија и во виденијата на пророкот-гледач Једо за Јеровоам, Наватовиот син.
- 30
Соломон царуваше во Ерусалим над целиот Израел четириесет години.
- 31
Потоа Соломон почина и беше погребан во градот на својот татко Давид. Наместо него се зацари неговиот син Ровоам.