Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 8

  1. 1

    По дваесетте години во кои Соломон ги изгради Господовиот дом и својот дворец,

  2. 2

    Соломон ги обнови градовите што му ги даде Хирам и насели во нив Израелеви синови.

  3. 3

    Потоа Соломон отиде против Емат-Сова и го освои.

  4. 4

    Го изгради Тадмор во пустината и сите градови за складишта што ги изгради во Емат.

  5. 5

    Ги изгради и Горен Вет-Орон и Долен Вет-Орон, утврдени градови со ѕидови, порти и резиња,

  6. 6

    како и Ваалат и сите градови за складишта што му припаѓаа на Соломон, сите градови за бојни коли, градовите за коњаници и сето она што Соломон сакаше да го изгради во Ерусалим, во Ливан и низ целата земја на своето царство.

  7. 7

    Сите луѓе што останаа од Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, кои не беа од Израел,

  8. 8

    односно нивните потомци што останаа по нив во земјата и кои Израелевите синови не ги уништија, Соломон ги принуди на задолжителна работа, како што е и до денес.

  9. 9

    Но од Израелевите синови Соломон никого не направи роб за својата работа. Тие беа негови војници, заповедници, војсководци и заповедници над неговите бојни коли и коњаници.

  10. 10

    Главните царски надзорници на Соломон беа двесте и педесет. Тие управуваа со народот.

  11. 11

    Соломон ја пресели фараоновата ќерка од Давидовиот град во дворецот што го изгради за неа, зашто рече: „Мојата жена не смее да живее во домот на Давид, Израелевиот цар, зашто местата во кои влегол Господовиот ковчег се свети.“

  12. 12

    Тогаш Соломон Му принесуваше жртви паленици на Господ на Господовиот жртвеник што го изгради пред предворјето,

  13. 13

    според она што беше пропишано за секој ден: за саботите, младите месечини и трите годишни празници – Празникот на бесквасните лебови, Празникот на седмиците и Празникот на шаторите.

  14. 14

    Според одредбата на својот татко Давид, ги постави свештеничките редови за нивната служба, левитите за нивните должности да Го слават Господ и да служат пред свештениците според потребата на секој ден, и вратарите според нивните редови на секоја порта. Таква беше заповедта на Давид, Божјиот човек.

  15. 15

    Тие не отстапија од царската заповед за свештениците и левитите во ниедна работа, ниту во поглед на ризниците.

  16. 16

    Така целата Соломонова работа беше подготвена од денот кога беа поставени темелите на Господовиот дом до неговото завршување. Така Господовиот дом беше довршен.

  17. 17

    Потоа Соломон отиде во Есион-Гавер и во Елот, на морскиот брег во Едомската земја.

  18. 18

    Хирам преку своите слуги му испрати бродови и слуги искусни морепловци. Тие со слугите на Соломон отидоа во Офир, оттаму зедоа четиристотини и педесет таланти злато и му ги донесоа на царот Соломон.