Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 15

  1. 1

    Тогаш Божјиот Дух слезе врз Азарија, синот на Одид.

  2. 2

    Тој излезе пред Аса и му рече: „Слушајте ме, Асо и цел Јуда и Венијамин! Господ е со вас додека вие сте со Него. Ако Го барате, ќе ви дозволи да Го најдете; но ако Го напуштите, и Тој ќе ве напушти.

  3. 3

    Долго време Израел беше без вистинскиот Бог, без свештеник што поучува и без закон.

  4. 4

    Но кога во својата неволја се враќаа кон Господ, Израелевиот Бог, и Го бараа, Тој им дозволуваше да Го најдат.

  5. 5

    Во тие времиња немаше мир ни за оној што излегуваше ни за оној што влегуваше, зашто големи немири ги погодија сите жители на земјите.

  6. 6

    Народ се кршеше од народ и град од град, зашто Бог ги вознемируваше со секакви неволји.

  7. 7

    Но вие бидете силни и нека не ослабнат вашите раце, зашто вашето дело ќе биде наградено.“

  8. 8

    Кога Аса ги слушна овие зборови и пророштвото на пророкот Одид, се охрабри и ги отстрани одвратните идоли од целата Јудина и Венијаминова земја и од градовите што ги освои во Ефремовата планинска област. Го обнови и Господовиот жртвеник што беше пред Господовиот трем.

  9. 9

    Ги собра целиот Јуда и Венијамин, како и доселениците од Ефрем, Манасија и Симеон што живееја меѓу нив. Многумина од Израел преминаа кај него кога видоа дека Господ, неговиот Бог, е со него.

  10. 10

    Се собраа во Ерусалим во третиот месец, во петнаесеттата година од царувањето на Аса.

  11. 11

    Во тој ден Му принесоа на Господ од пленот што го донесоа: седумстотини говеда и седум илјади овци.

  12. 12

    Склучија завет дека ќе Го бараат Господ, Бог на своите татковци, со целото свое срце и со целата своја душа.

  13. 13

    А секој што нема да Го бара Господ, Израелевиот Бог, требаше да биде погубен, без разлика дали е мал или голем, маж или жена.

  14. 14

    Му се заколнаа на Господ со силен глас, со радосни извици, со труби и рогови.

  15. 15

    Целиот Јуда се радуваше поради заклетвата, зашто се заколнаа со целото свое срце и Го бараа со целата своја волја. Тој им дозволи да Го најдат, и Господ им даде мир од сите страни.

  16. 16

    Царот Аса ја отстрани и Мааха од положбата царица-мајка, зашто таа направи одвратен идол за Ашера. Аса го исече нејзиниот идол, го здроби и го изгори кај потокот Кедрон.

  17. 17

    Иако високите места не беа отстранети од Израел, срцето на Аса беше целосно предадено на Господ во сите негови денови.

  18. 18

    Во Божјиот дом ги внесе предметите што ги посвети неговиот татко и предметите што самиот ги посвети: сребро, злато и садови.

  19. 19

    Немаше војна сѐ до триесет и петтата година од царувањето на Аса.