Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 31

  1. 1

    Кога заврши сето тоа, сите Израелеви синови што беа таму излегоа по Јудините градови. Ги искршија идолските столбови, ги исекоа столбовите на Ашера и ги урнаа високите места и жртвениците низ целиот Јуда и Венијамин, како и во Ефрем и Манасија, сѐ додека не ги уништија сите. Потоа сите Израелеви синови се вратија во своите градови, секој на својот имот.

  2. 2

    Езекија ги распореди свештениците и левитите по нивните редови, секој според својата служба – свештениците и левитите за жртвите паленици и жртвите за мир, за да служат, да Му благодарат и да Го слават Господ кај портите на Господовиот дом.

  3. 3

    Од својот имот царот одреди дел за жртвите паленици: за утринските и вечерните жртви, за жртвите во саботите, младите месечини и празниците, според она што е запишано во Господовиот закон.

  4. 4

    И му заповеда на народот што живееше во Ерусалим да им го дава определениот дел на свештениците и левитите, за тие целосно да се посветат на Господовиот закон.

  5. 5

    Штом беше објавена заповедта, Израелевите синови донесоа во изобилство првини од житото, виното, маслото, медот и од сите земни плодови. Донесоа и обилен десеток од сѐ.

  6. 6

    Израелевите и Јудините синови што живееја во Јудините градови донесоа десеток од говедата и овците, како и десеток од светите дарови што Му беа посветени на Господ, нивниот Бог, и ги наредија во купови.

  7. 7

    Во третиот месец почнаа да ги редат куповите, а во седмиот месец завршија.

  8. 8

    Кога Езекија и водачите дојдоа и ги видоа куповите, Го благословија Господ и Неговиот народ Израел.

  9. 9

    Потоа Езекија ги праша свештениците и левитите за куповите.

  10. 10

    Првосвештеникот Азарија, од Садоковиот дом, му одговори: „Откако почнаа да ги донесуваат приносите во Господовиот дом, јадеме до наситување и останува уште многу, зашто Господ го благослови Својот народ. Оваа голема количина е она што остана.“

  11. 11

    Тогаш Езекија заповеда да подготват складишни простории во Господовиот дом, и тие ги подготвија.

  12. 12

    Во нив верно ги внесуваа приносите, десетоците и посветените дарови. Надзорник над нив беше левитот Хоненија, а втор по него беше неговиот брат Семеј.

  13. 13

    Јехиил, Азазија, Нахат, Асаил, Јеримот, Јозавад, Елиил, Исмахија, Маат и Венаја беа надзорници под Хоненија и неговиот брат Семеј, според наредбата на царот Езекија и Азарија, управителот на Божјиот дом.

  14. 14

    Коре, синот на левитот Имна, вратарот кај источната порта, беше задолжен за доброволните дарови принесени на Бог, за да ги разделува Господовите приноси и најсветите дарови.

  15. 15

    Под негова управа во свештеничките градови беа Еден, Минијамин, Исус, Семаја, Амарија и Сеханија. Ним им беше доверено верно да им ги разделуваат деловите на своите браќа според нивните редови, подеднакво на големиот и на малиот.

  16. 16

    Освен на машките запишани според семејното потекло, од три години нагоре, им разделуваа и на сите што секојдневно влегуваа во Господовиот дом за да ја извршуваат својата служба според своите должности и редови.

  17. 17

    Свештениците беа запишани според семејното потекло и своите татковски домови, а левитите – од дваесет години нагоре, според своите должности и редови.

  18. 18

    Според семејното потекло беа запишани и сите нивни семејства – жените, синовите и ќерките од целото собрание – зашто верно се посветуваа на светите работи.

  19. 19

    За Ароновите потомци, свештениците што живееја во полињата околу своите градови, во секој град имаше луѓе определени по име да им ги разделуваат деловите на сите машки меѓу свештениците и на сите запишани меѓу левитите.

  20. 20

    Така постапи Езекија низ целиот Јуда. Тој го правеше она што беше добро, право и верно пред Господ, својот Бог.

  21. 21

    Секоја работа што ја започнуваше во службата на Божјиот дом и во исполнувањето на Законот и заповедите, ја вршеше со целото свое срце, барајќи Го својот Бог, и напредуваше.