Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 30

  1. 1

    Потоа Езекија испрати гласници низ целиот Израел и Јуда и напиша писма до Ефрем и Манасија, повикувајќи ги да дојдат во Господовиот дом во Ерусалим и да ја прослават Пасхата на Господ, Израелевиот Бог.

  2. 2

    Царот, неговите водачи и целото собрание во Ерусалим се посоветуваа да ја прослават Пасхата во вториот месец.

  3. 3

    Не можеа да ја прослават во определеното време, зашто немаше доволно посветени свештеници, а народот сѐ уште не се беше собрал во Ерусалим.

  4. 4

    Оваа одлука им се виде правилна на царот и на целото собрание.

  5. 5

    Затоа решија да објават низ целиот Израел, од Вир-Савеја до Дан, народот да дојде во Ерусалим и да ја прослави Пасхата на Господ, Израелевиот Бог, зашто одамна не ја прославуваа сите заедно според пропишаното.

  6. 6

    Така гласниците тргнаа со писмата од царот и неговите водачи низ целиот Израел и Јуда. Според царската заповед, велеа: „Израелеви синови, вратете се кај Господ, Бог на Авраам, Исак и Израел, за и Тој да се врати кај преостанатите од вас, кои избегавте од раката на асириските цареви.

  7. 7

    Не бидете како своите татковци и браќа, кои Му беа неверни на Господ, Бог на своите татковци, па Тој ги предаде на опустошување, како што гледате.

  8. 8

    Сега не бидете тврдоглави како своите татковци. Предајте Му се на Господ, дојдете во Неговото светилиште, кое го посвети засекогаш, и служете Му на Господ, вашиот Бог, за да се одврати од вас Неговиот разгорен гнев.

  9. 9

    Ако се вратите кај Господ, вашите браќа и синови ќе најдат милост пред своите поробувачи и ќе се вратат во оваа земја, зашто Господ, вашиот Бог, е милостив и сожалив и нема да го одврати Своето лице од вас ако се вратите кај Него.“

  10. 10

    Гласниците одеа од град во град низ земјата на Ефрем и Манасија сѐ до Завулон, но луѓето им се потсмеваа и ги исмеваа.

  11. 11

    Сепак, некои од Асир, Манасија и Завулон се понизија и дојдоа во Ерусалим.

  12. 12

    И врз Јуда беше Божјата рака, давајќи им едно срце да ја извршат заповедта на царот и водачите според Господовиот збор.

  13. 13

    Во Ерусалим се собра многуброен народ за да го прослави Празникот на бесквасните лебови во вториот месец. Собранието беше многу големо.

  14. 14

    Станаа и ги отстранија жртвениците што беа во Ерусалим. Ги отстранија и сите кадилни жртвеници и ги фрлија во потокот Кедрон.

  15. 15

    На четиринаесеттиот ден од вториот месец ги заклаа пасхалните јагниња. Свештениците и левитите се засрамија, се посветија и донесоа жртви паленици во Господовиот дом.

  16. 16

    Застанаа на своите места според својот ред, во согласност со Законот на Божјиот човек Мојсеј. Свештениците ја попрскуваа крвта што ја примаа од рацете на левитите.

  17. 17

    Во собранието имаше многумина што не беа посветени, па левитите ги колеа пасхалните јагниња за сите што не беа чисти, за да ги посветат на Господ.

  18. 18

    Многу луѓе, особено од Ефрем, Манасија, Исахар и Завулон, не се беа очистиле, но сепак јадеа од Пасхата спротивно на пропишаното. Езекија се помоли за нив: „Добриот Господ нека му прости на секој

  19. 19

    што го насочил своето срце да Го бара Бог, Господ, Бог на своите татковци, иако не се очистил според очистувањето на светилиштето.“

  20. 20

    Господ го послуша Езекија и го исцели народот.

  21. 21

    Израелевите синови што се наоѓаа во Ерусалим го прославуваа Празникот на бесквасните лебови седум дена со голема радост. Секој ден левитите и свештениците Го славеа Господ со силни музички инструменти.

  22. 22

    Езекија им зборуваше охрабрувачки на сите левити што добро ја разбираа Господовата служба. Седумте празнични дена јадеа, принесуваа жртви за мир и Му благодареа на Господ, Бог на своите татковци.

  23. 23

    Потоа целото собрание се посоветува да празнува уште седум дена, и празнуваа уште седум дена со радост.

  24. 24

    Јудејскиот цар Езекија му даде на собранието илјада телиња и седум илјади овци, а водачите му дадоа на собранието илјада телиња и десет илјади овци. Многу свештеници се посветија.

  25. 25

    Се радуваше целото Јудино собрание, свештениците, левитите, сите што дојдоа од Израел, дојденците што дојдоа од Израелевата земја и оние што живееја во Јуда.

  26. 26

    Во Ерусалим настана голема радост, зашто од времето на Израелевиот цар Соломон, Давидовиот син, немаше такво нешто во Ерусалим.

  27. 27

    Потоа свештениците и левитите станаа и го благословија народот. Нивниот глас беше слушнат и нивната молитва стигна во Неговото свето живеалиште, на небото.