2 Летописи
Глава 29
Езекија имаше дваесет и пет години кога стана цар и царуваше дваесет и девет години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Авија и беше ќерка на Захарија. (2 Летописи 29:1)
Го правеше она што беше право во Господовите очи, токму како неговиот предок Давид. (2 Летописи 29:2)
Во првиот месец од првата година на своето царување ги отвори вратите на Господовиот дом и ги поправи. (2 Летописи 29:3)
Ги доведе свештениците и левитите и ги собра на источниот плоштад. (2 Летописи 29:4)
Им рече: „Слушајте ме, левити! Посветете се сега, посветете го и домот на Господ, Бог на вашите татковци, и изнесете ја нечистотијата од светилиштето. (2 Летописи 29:5)
Нашите татковци беа неверни и правеа зло во очите на Господ, нашиот Бог. Го напуштија, ги одвратија своите лица од Господовото живеалиште и Му го свртеа грбот. (2 Летописи 29:6)
Ги затворија вратите на предворјето, ги изгаснаа светилата, не кадеа темјан и не принесуваа жртви паленици во светилиштето на Израелевиот Бог. (2 Летописи 29:7)
Затоа Господовиот гнев дојде врз Јуда и Ерусалим, и Тој ги направи предмет на ужас, чудење и потсмев, како што гледате со своите очи. (2 Летописи 29:8)
Ете, поради тоа нашите татковци паднаа од меч, а нашите синови, ќерки и жени се во ропство. (2 Летописи 29:9)
Сега решив во своето срце да склучиме завет со Господ, Израелевиот Бог, за да се одврати од нас Неговиот разгорен гнев. (2 Летописи 29:10)
Синови мои, немојте сега да бидете немарни, зашто Господ ве избра да стоите пред Него, да Му служите, да бидете Негови служители и да кадите.“ (2 Летописи 29:11)
Тогаш станаа левитите: од Каатовите синови – Маат, синот на Амасија, и Јоил, синот на Азарија; од Мерариевите синови – Кис, синот на Авдиј, и Азарија, синот на Јалелеил; од Герсоновците – Јоах, синот на Зима, и Еден, синот на Јоах; (2 Летописи 29:12)
од Елисафановите синови – Симриј и Јеиил; од Асафовите синови – Захарија и Матанија; (2 Летописи 29:13)
од Емановите синови – Јехиил и Семеј; а од Едутуновите синови – Семаја и Озиил. (2 Летописи 29:14)
Тие ги собраа своите браќа, се посветија и влегоа, според царската заповед и Господовиот збор, да го очистат Господовиот дом. (2 Летописи 29:15)
Свештениците влегоа во внатрешноста на Господовиот дом за да го очистат. Сета нечистотија што ја најдоа во Господовиот храм ја изнесоа во дворот на Господовиот дом, а левитите ја зедоа и ја однесоа надвор, во потокот Кедрон. (2 Летописи 29:16)
Почнаа да го посветуваат домот на првиот ден од првиот месец. На осмиот ден стигнаа до Господовото предворје. Осум дена го посветуваа Господовиот дом, а на шеснаесеттиот ден од првиот месец завршија. (2 Летописи 29:17)
Потоа влегоа кај царот Езекија и рекоа: „Го очистивме целиот Господов дом, жртвеникот за жртви паленици со сите негови предмети и трпезата за поставените лебови со сите нејзини предмети. (2 Летописи 29:18)
Ги подготвивме и ги посветивме сите предмети што царот Ахаз ги оскверни со своето неверство за време на своето царување. Ете, тие се пред Господовиот жртвеник.“ (2 Летописи 29:19)
Царот Езекија стана рано, ги собра градските водачи и се искачи во Господовиот дом. (2 Летописи 29:20)
Донесоа седум телиња, седум овни, седум јагниња и седум јарци како жртва за грев за царството, за светилиштето и за Јуда. Царот им заповеда на свештениците, Ароновите синови, да ги принесат на Господовиот жртвеник. (2 Летописи 29:21)
Ги заклаа телињата, а свештениците ја зедоа крвта и ја попрскаа врз жртвеникот. Ги заклаа и овните и ја попрскаа нивната крв врз жртвеникот. Ги заклаа и јагнињата и ја попрскаа нивната крв врз жртвеникот. (2 Летописи 29:22)
Потоа ги доведоа јарците за жртва за грев пред царот и собранието, и тие ги положија рацете врз нив. (2 Летописи 29:23)
Свештениците ги заклаа и ја принесоа нивната крв на жртвеникот како жртва за грев, за да извршат помирување за целиот Израел, зашто царот заповеда жртвата паленица и жртвата за грев да бидат за целиот Израел. (2 Летописи 29:24)
Ги постави левитите во Господовиот дом со кимвали, лири и харфи, според заповедта на Давид, на царскиот гледач Гад и на пророкот Натан, зашто заповедта беше од Господ преку Неговите пророци. (2 Летописи 29:25)
Левитите стоеја со Давидовите музички инструменти, а свештениците со трубите. (2 Летописи 29:26)
Езекија заповеда да се принесе жртвата паленица на жртвеникот. Кога почна принесувањето, почна и песната за Господ, придружена со трубите и инструментите на Израелевиот цар Давид. (2 Летописи 29:27)
Целото собрание се поклонуваше, пејачите пееја, а трубачите трубеа, сѐ додека не заврши принесувањето на жртвата паленица. (2 Летописи 29:28)
Кога заврши принесувањето, царот и сите што беа со него клекнаа и се поклонија. (2 Летописи 29:29)
Царот Езекија и водачите им заповеда на левитите да Го слават Господ со зборовите на Давид и гледачот Асаф. Тие славеа со радост, се наведнаа и се поклонија. (2 Летописи 29:30)
Потоа Езекија рече: „Сега, откако Му се посветивте на Господ, пристапете и донесете жртви и благодарствени приноси во Господовиот дом.“ Собранието донесе жртви и благодарствени приноси, а секој што беше поттикнат од срцето донесе и жртва паленица. (2 Летописи 29:31)
Бројот на жртвите паленици што ги донесе собранието беше седумдесет телиња, сто овни и двесте јагниња. Сите тие беа жртви паленици за Господ. (2 Летописи 29:32)
Посветените животни беа шестстотини говеда и три илјади овци. (2 Летописи 29:33)
Но свештениците беа малку и не можеа да ги одерат сите жртви паленици. Затоа нивните браќа левитите им помагаа додека не заврши работата и додека другите свештеници не се посветија, зашто левитите беа посесрдни од свештениците во посветувањето. (2 Летописи 29:34)
Имаше многу жртви паленици, заедно со мрсните делови од жртвите за мир и налевните приноси за секоја жртва паленица. Така повторно беше воспоставена службата во Господовиот дом. (2 Летописи 29:35)
Езекија и целиот народ се радуваа поради она што Бог го подготви за народот, зашто сето тоа се случи ненадејно. (2 Летописи 29:36)