Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 36

  1. 1

    Народот на Јудината земја го зеде Јоахаз, синот на Јосија, и го постави за цар во Ерусалим наместо неговиот татко.

  2. 2

    Јоахаз имаше дваесет и три години кога стана цар и царуваше три месеци во Ерусалим.

  3. 3

    Египетскиот цар го симна од престолот во Ерусалим и ѝ наложи на земјата данок од сто таланти сребро и еден талант злато.

  4. 4

    Египетскиот цар го постави неговиот брат Елијаким за цар над Јуда и Ерусалим и му го промени името во Јоаким. А Нехао го зеде неговиот брат Јоахаз и го одведе во Египет.

  5. 5

    Јоаким имаше дваесет и пет години кога стана цар и царуваше единаесет години во Ерусалим. Правеше зло во очите на Господ, својот Бог.

  6. 6

    Вавилонскиот цар Навуходоносор тргна против него, го врза со бронзени окови и сакаше да го одведе во Вавилон.

  7. 7

    Навуходоносор однесе во Вавилон и дел од предметите од Господовиот дом и ги стави во својот храм во Вавилон.

  8. 8

    Останатите дела на Јоаким, одвратните работи што ги направи и злото што беше најдено во него, се запишани во Книгата на Израелевите и јудејските цареви. Наместо него се зацари неговиот син Јоахин.

  9. 9

    Јоахин имаше осумнаесет години кога стана цар и царуваше три месеци и десет дена во Ерусалим. Правеше зло во Господовите очи.

  10. 10

    На почетокот на следната година царот Навуходоносор испрати луѓе и го одведе во Вавилон, заедно со скапоцените предмети од Господовиот дом. Потоа го постави Седекија, братот на неговиот татко, за цар над Јуда и Ерусалим.

  11. 11

    Седекија имаше дваесет и една година кога стана цар и царуваше единаесет години во Ерусалим.

  12. 12

    Правеше зло во очите на Господ, својот Бог, и не се понизи пред пророкот Еремија, кој му зборуваше од Господовата уста.

  13. 13

    Се побуни и против царот Навуходоносор, кој го беше обврзал со заклетва во Божјото име. Го стврднуваше својот врат и го закоравуваше своето срце, не сакајќи да се врати кај Господ, Израелевиот Бог.

  14. 14

    И сите свештенички водачи и народот стануваа сѐ поневерни, постапувајќи според сите одвратни обичаи на народите. Го осквернија Господовиот дом, кој Тој го беше посветил во Ерусалим.

  15. 15

    Господ, Бог на нивните татковци, постојано им испраќаше пораки преку Своите гласници, зашто имаше милост кон Својот народ и кон Своето живеалиште.

  16. 16

    Но тие им се потсмеваа на Божјите гласници, ги презираа Неговите зборови и им се подбиваа на Неговите пророци, сѐ додека Господовиот гнев не се крена против Неговиот народ и веќе немаше лек.

  17. 17

    Затоа Тој го доведе против нив халдејскиот цар. Тој ги уби нивните млади со меч во домот на нивното светилиште и не поштеди ни младич, ни девојка, ни старец, ни изнемоштен човек. Бог ги предаде сите во неговата рака.

  18. 18

    Сите предмети од Божјиот дом, големи и мали, ризниците на Господовиот дом и ризниците на царот и неговите водачи – сето тоа го однесе во Вавилон.

  19. 19

    Го запалија Божјиот дом, го урнаа ерусалимскиот ѕид, ги изгореа со оган сите градски палати и ги уништија сите скапоцени предмети.

  20. 20

    Оние што го избегнаа мечот ги одведе во Вавилон, каде што му беа слуги нему и на неговите синови сѐ до воспоставувањето на персиското царство.

  21. 21

    Така се исполни Господовиот збор кажан преку устата на Еремија, додека земјата не ги надомести своите саботи. Во сето време додека лежеше опустошена, земјата почиваше, сѐ додека не се исполнија седумдесет години.

  22. 22

    Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовиот збор кажан преку устата на Еремија, Господ го поттикна духот на персискиот цар Кир. Тој објави низ целото свое царство, и усно и писмено:

  23. 23

    „Вака вели персискиот цар Кир: Господ, небесниот Бог, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да Му изградам дом во Ерусалим, кој е во Јуда. Кој од вас му припаѓа на Неговиот народ, Господ, неговиот Бог, нека биде со него, и нека се искачи.“