2 Коринтјаните
Глава 9
- 1
А за служењето на светите нема потреба да ви пишувам,
- 2
зашто ја знам вашата подготвеност и затоа се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја е подготвена уште од минатата година, а вашата ревност ги поттикна мнозина.
- 3
Но ги испратив браќата, за нашата пофалба со вас во оваа работа да не биде празна, туку да бидете подготвени како што реков.
- 4
Инаку, ако со мене дојдат Македонци и ве најдат неподготвени, ние – да не речам вие – ќе се посрамиме во оваа наша увереност.
- 5
Затоа сметав дека е потребно да ги замолам браќата да дојдат кај вас однапред и да го подготват вашиот однапред ветен прилог, за тој да биде подготвен како доброволен дар, а не како изнудување.
- 6
А ова ви го велам: кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее; а кој сее изобилно, изобилно и ќе жнее.
- 7
Секој нека даде како што одлучил во своето срце, не со жал или од принуда, зашто Бог го љуби радосниот дарител.
- 8
А Бог може изобилно да ви ја даде секоја благодат, за секогаш, имајќи доволно во сѐ, да изобилувате во секое добро дело.
- 9
Како што е напишано: „Раздаде, им даде на сиромасите; неговата праведност останува довека.“
- 10
А Оној Кој му дава семе на сејачот и леб за храна, ќе ви даде и ќе го умножи семето и ќе ги зголеми плодовите на вашата праведност.
- 11
Така во сѐ ќе се збогатите за секоја дарежливост, која преку нас создава благодарност кон Бог.
- 12
Зашто оваа служба не само што ги надополнува потребите на светите, туку и изобилува во многу благодарности кон Бог.
- 13
Преку доказот на оваа служба тие Го прославуваат Бог поради послушноста со која го исповедате Христовото Евангелие и поради дарежливоста во заедништвото со нив и со сите.
- 14
Кога се молат за вас, тие копнеат по вас поради Божјата преизобилна благодат врз вас.
- 15
Му благодариме на Бог за Неговиот неискажлив дар!