2 Коринтјаните
Глава 8
- 1
Браќа, сакаме да ве известиме за Божјата благодат дадена на црквите во Македонија:
- 2
иако беа тешко искушувани со неволји, нивната голема радост и крајна сиромаштија се излеаја во изобилна дарежливост.
- 3
Сведочам дека дадоа според своите можности, па дури и повеќе од своите можности, доброволно,
- 4
усрдно нѐ молеа за благодатта и учеството во служењето на светите.
- 5
И не само како што се надевавме, туку најнапред Му се предадоа себеси на Господ, а потоа и нам, по Божја волја.
- 6
Затоа го замоливме Тит, како што ја започна оваа работа, така и да го доврши меѓу вас и ова дело на благодатта.
- 7
А како што изобилувате во сѐ – во вера, збор, знаење, сета ревност и во љубовта што ја разбудивме во вас – така изобилувајте и во оваа благодат.
- 8
Не го кажувам ова како заповед, туку преку ревноста на другите ја проверувам искреноста на вашата љубов.
- 9
Зашто ја знаете благодатта на нашиот Господ Исус Христос: иако беше богат, заради вас стана сиромашен, за вие преку Неговата сиромаштија да се збогатите.
- 10
И во ова ви давам совет: тоа е корисно за вас: вие уште од минатата година први почнавте не само да го правите тоа, туку и да го посакувате.
- 11
А сега довршете го делото, за подготвеноста што ја покажавте во желбата да биде проследена и со довршување според она што го имате.
- 12
Зашто ако има подготвеност, дарот е прифатлив според она што човек го има, а не според она што го нема.
- 13
Не е целта другите да бидат олеснети, а вие оптоварени, туку да има еднаквост.
- 14
Во сегашно време вашиот вишок нека ја надополни нивната немаштија, за и нивниот вишок да ја надополни вашата немаштија, за да има еднаквост.
- 15
Како што е напишано: „Кој собра многу, немаше вишок; а кој собра малку, немаше недостиг.“
- 16
Но Му благодариме на Бог, Кој ја стави истата ревност за вас во срцето на Тит.
- 17
Зашто тој ја прими нашата молба, но бидејќи беше многу ревносен, доброволно тргна кај вас.
- 18
Со него го испративме и братот, кој е пофален во сите цркви поради Евангелието.
- 19
И не само тоа, туку црквите го избраа да патува со нас во ова дело на благодатта со кое служиме за слава на Господ и како доказ за нашата подготвеност.
- 20
Така внимаваме никој да не нѐ обвини во врска со овој изобилен дар со кој управуваме.
- 21
Зашто се грижиме за она што е чесно не само пред Господ, туку и пред луѓето.
- 22
Со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност многупати сме ја провериле во многу работи, а сега е уште поревносен поради големата доверба во вас.
- 23
Што се однесува до Тит, тој е мој другар и соработник за вас; а нашите браќа се пратеници на црквите и Христова слава.
- 24
Затоа покажете им пред црквите доказ за својата љубов и за пофалбата што ја изразивме за вас.