2 Цареви
Глава 10
- 1
Ахав имаше седумдесет синови во Самарија. Јуј напиша писма и ги испрати во Самарија до језраелските старешини, до управителите и до старателите на Ахавовите синови, велејќи:
- 2
„Штом ќе стигне ова писмо до вас, бидејќи кај вас се синовите на вашиот господар, а имате бојни коли, коњи, утврден град и оружје,
- 3
изберете го најдобриот и најдостојниот меѓу синовите на вашиот господар, поставете го на престолот на неговиот татко и борете се за домот на вашиот господар.“
- 4
Но тие многу се исплашија и рекоа: „Еве, двајца цареви не можеа да му се спротивстават. Како ќе му се спротивставиме ние?“
- 5
Тогаш управителот на дворецот, управителот на градот, старешините и старателите му испратија порака на Јуј: „Ние сме твои слуги и ќе направиме сѐ што ќе ни кажеш. Нема да поставиме никого за цар. Направи го она што е добро во твоите очи.“
- 6
Тој им напиша второ писмо: „Доколку сте на моја страна и го слушате мојот глас, земете ги главите на синовите на вашиот господар и дојдете кај мене утре во ова време во Језраел.“ А седумдесетте царски синови беа кај градските благородници, кои ги воспитуваа.
- 7
Кога писмото стигна до нив, ги зедоа царските синови, ги убија сите седумдесетмина, ги ставија нивните глави во кошници и му ги испратија во Језраел.
- 8
Гласникот дојде и му јави: „Ги донесоа главите на царските синови.“ Јуј рече: „Ставете ги во два купа пред влезот на портата до утрото.“
- 9
Утрото излезе, застана и му рече на целиот народ: „Вие сте невини. Еве, јас се заговорив против мојот господар и го убив, но кој ги уби сите овие?
- 10
Знајте дека ништо од Господовиот збор, што Господ го изговори против Ахавовиот дом, нема да падне на земја. Господ го направи она што го кажа преку Својот слуга Илија.“
- 11
Потоа Јуј ги уби сите што останаа од Ахавовиот дом во Језраел, сите негови големци, блиски пријатели и свештеници, така што не му остави ниеден преживеан.
- 12
Потоа стана и тргна кон Самарија. По патот, кај овчарската куќа,
- 13
Јуј ги сретна роднините на јудејскиот цар Охозија и ги праша: „Кои сте вие?“ Тие одговорија: „Ние сме роднини на Охозија и одиме да ги поздравиме царските синови и синовите на царицата-мајка.“
- 14
Тој рече: „Фатете ги живи!“ Ги фатија живи и ги убија кај јамата на овчарската куќа – четириесет и двајца луѓе. Не остави ниеден од нив.
- 15
Оттаму тргна и го сретна Јонадав, синот на Рихав, кој доаѓаше да го пресретне. Јуј го поздрави и го праша: „Дали твоето срце е искрено кон мене, како што моето срце е кон твоето?“ Јонадав одговори: „Да.“ Јуј рече: „Ако е така, подај ми ја раката.“ Тој му ја подаде раката, а Јуј го качи кај себе во колата.
- 16
Му рече: „Дојди со мене и види ја мојата ревност за Господ.“ Така го возеа во неговата кола.
- 17
Кога Јуј дојде во Самарија, ги уби сите што останаа од Ахавовиот дом во Самарија, сѐ додека целосно не го уништи, според Господовиот збор кажан преку Илија.
- 18
Потоа Јуј го собра целиот народ и им рече: „Ахав малку му служеше на Ваал, но Јуј ќе му служи многу повеќе.
- 19
Затоа повикајте ги кај мене сите Ваалови пророци, сите негови служители и сите негови свештеници. Никој да не изостане, зашто имам да принесам голема жртва на Ваал. Секој што ќе изостане нема да остане жив.“ Но Јуј постапи лукаво, за да ги уништи Вааловите служители.
- 20
Јуј рече: „Прогласете свечен собир во чест на Ваал.“ И го прогласија.
- 21
Јуј испрати гласници низ целиот Израел. Дојдоа сите Ваалови служители и не остана ниеден што не дојде. Влегоа во Вааловиот храм, кој се наполни од едниот до другиот крај.
- 22
Тогаш му рече на човекот што беше задолжен за облеките: „Извади им облеки на сите Ваалови служители.“ И тој им извади облеки.
- 23
Потоа Јуј и Јонадав, синот на Рихав, влегоа во Вааловиот храм. Јуј им рече на Вааловите служители: „Проверете и видете да нема тука некој од Господовите слуги, туку само Ваалови служители.“
- 24
Тие влегоа за да принесат жртви и жртви паленици. А Јуј постави надвор осумдесет луѓе и им рече: „Оној што ќе пушти да избега некој од луѓето што ви ги предавам, ќе плати со својот живот за неговиот живот.“
- 25
Кога заврши со принесувањето на жртвата паленица, Јуј им рече на стражарите и заповедниците: „Влезете и убијте ги! Никој да не излезе.“ Тие ги погубија со меч, ги исфрлија телата и влегоа во внатрешниот дел на Вааловиот храм.
- 26
Ги изнесоа светите столбови од Вааловиот храм и ги изгореа.
- 27
Го урнаа Вааловиот столб, го разурнаа Вааловиот храм и го претворија во нужник, каков што е до денес.
- 28
Така Јуј го истреби Ваал од Израел.
- 29
Сепак, Јуј не отстапи од гревовите на Јеровоам, синот на Нават, со кои тој го наведе Израел да греши – од златните телиња во Ветил и Дан.
- 30
Господ му рече на Јуј: „Бидејќи добро го изврши она што е право во Моите очи и му направи на Ахавовиот дом сѐ што беше во Моето срце, твоите синови ќе седат на Израелевиот престол до четвртото поколение.“
- 31
Но Јуј не внимаваше да оди со сето свое срце според законот на Господ, Израелевиот Бог. Не отстапи од гревовите на Јеровоам, со кои тој го наведе Израел да греши.
- 32
Во тие денови Господ почна да ја намалува Израелевата земја. Азаил ги поразуваше Израелците по сите нивни граници:
- 33
од Јордан кон исток, целата галаадска земја – земјата на Гад, Рувим и Манасија – од Ароир, кој е покрај потокот Арнон, па сѐ до Галаад и Васан.
- 34
Останатите дела на Јуј, сѐ што направи и целата негова сила, се запишани во Книгата на летописите на Израелевите цареви.
- 35
Јуј почина и беше погребан во Самарија, а по него се зацари неговиот син Јоахаз.
- 36
Времето на Јуевото царување над Израел во Самарија беше дваесет и осум години.