Прескокни кон главната содржина

2 Тимотеј

Глава 1

  1. 1

    Павле, апостол на Христос Исус по Божја волја, според ветувањето на животот што е во Христос Исус,

  2. 2

    до Тимотеј, моето сакано дете: благодат, милост и мир од Бог Таткото и од Христос Исус, нашиот Господ.

  3. 3

    Му благодарам на Бог, Кому Му служам со чиста совест, како што Му служеа и моите предци, додека непрестајно те спомнувам во своите молитви дење и ноќе.

  4. 4

    Се сеќавам на твоите солзи и копнеам да те видам, за да се исполнам со радост.

  5. 5

    Се сеќавам на твојата нелицемерна вера, која најнапред живееше во твојата баба Лоида и во твојата мајка Евника, а уверен сум дека живее и во тебе.

  6. 6

    Поради тоа те потсетувам да го разгоруваш Божјиот дар, кој е во тебе со полагањето на моите раце.

  7. 7

    Зашто Бог не ни даде дух на плашливост, туку на сила, љубов и разумност.

  8. 8

    Затоа не срами се од сведоштвото за нашиот Господ, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку претрпи страдања за Евангелието, поткрепен од Божјата сила.

  9. 9

    Тој нѐ спаси и нѐ повика со свет повик, не според нашите дела, туку според Својата намера и благодат, која ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња,

  10. 10

    а сега е откриена преку појавувањето на нашиот Спасител Христос Исус, Кој ја уништи смртта и ги изведе на светлина животот и нераспадливоста преку Евангелието.

  11. 11

    За тоа Евангелие сум поставен како проповедник, апостол и учител.

  12. 12

    Поради тоа и страдам, но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој е моќен да го запази она што Му го доверив до оној ден.

  13. 13

    Држи се до образецот на здравите зборови што ги слушна од мене, во верата и љубовта што се во Христос Исус.

  14. 14

    Чувај го доброто што ти е доверено, со помошта на Светиот Дух, Кој живее во нас!

  15. 15

    Знаеш дека сите во Азија се одвратија од мене, меѓу нив Фигел и Ермоген.

  16. 16

    Господ нека му даде милост на домот на Онисифор, зашто многупати ме освежуваше и не се посрами од моите окови;

  17. 17

    а кога дојде во Рим, усрдно ме побара и ме најде.

  18. 18

    Господ нека му даде да најде милост од Господ во оној ден. А колку многу ми служеше во Ефес, ти најдобро знаеш.