2 Тимотеј
Глава 2
Ти, пак, дете мое, зајакнувај се во благодатта што е во Христос Исус. (2 Тимотеј 2:1)
А она што го слушна од мене во присуство на многу сведоци, предај им го на верни луѓе, кои ќе бидат способни да поучуваат и други. (2 Тимотеј 2:2)
Поднесувај страдања со мене како добар војник на Христос Исус. (2 Тимотеј 2:3)
Ниеден војник не се вплетува во работите на овој живот, за да му угоди на оној што го повикал во војска. (2 Тимотеј 2:4)
И ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува според правилата. (2 Тимотеј 2:5)
Земјоделецот што се труди, прв треба да добие дел од плодовите. (2 Тимотеј 2:6)
Размисли за она што го зборувам, зашто Господ ќе ти даде разбирање во сѐ. (2 Тимотеј 2:7)
Сеќавај се на Исус Христос, воскреснат од мртвите, од Давидовото потомство, според моето Евангелие, (2 Тимотеј 2:8)
поради кое страдам дури до окови, како злочинец. Но Божјиот Збор не е окован. (2 Тимотеј 2:9)
Затоа поднесувам сѐ поради избраните, за и тие да го добијат спасението што е во Христос Исус, заедно со вечна слава. (2 Тимотеј 2:10)
Веродостоен е зборот: „Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме. (2 Тимотеј 2:11)
Ако останеме постојани, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме од Него, и Тој ќе се одрече од нас. (2 Тимотеј 2:12)
Ако сме неверни, Тој останува верен, зашто не може да се одрече од Себеси.“ (2 Тимотеј 2:13)
Потсетувај ги на овие работи и сериозно предупредувај ги пред Бог да не се препираат околу зборови, зашто тоа не носи никаква корист, туку води кон пропаст на слушателите. (2 Тимотеј 2:14)
Потруди се да се покажеш одобрен пред Бог, како работник што нема од што да се срами и правилно го излага Зборот на вистината. (2 Тимотеј 2:15)
Избегнувај ги безбожните празни разговори, зашто оние што ги водат ќе одат сѐ подалеку во безбожност, (2 Тимотеј 2:16)
а нивниот збор ќе се шири како гангрена. Меѓу нив се Именеј и Филет, (2 Тимотеј 2:17)
кои отстапија од вистината, велејќи дека воскресението веќе се случило, и им ја уриваат верата на некои. (2 Тимотеј 2:18)
Но Божјата цврста основа стои непоколебливо и го има овој печат: „Господ ги познава Своите“ и: „Секој што го повикува Господовото име нека отстапи од неправдата.“ (2 Тимотеј 2:19)
Во голем дом нема само златни и сребрени садови, туку и дрвени и земјени; едни се за почесна, а други за непочесна употреба. (2 Тимотеј 2:20)
Затоа, ако некој се очисти од нив, ќе биде сад за почесна употреба, осветен, корисен за Господарот и подготвен за секое добро дело. (2 Тимотеј 2:21)
Бегај од младешките страсти, а стреми се кон праведност, вера, љубов и мир, заедно со оние што Го повикуваат Господ од чисто срце. (2 Тимотеј 2:22)
Избегнувај ги безумните и неразумни расправии, знаејќи дека раѓаат кавги. (2 Тимотеј 2:23)
А Господовиот слуга не треба да се кара, туку да биде благ кон сите, способен да поучува и трпелив, (2 Тимотеј 2:24)
со кротост да ги поправа противниците; можеби Бог ќе им даде покајание за да ја познаат вистината (2 Тимотеј 2:25)
и да се освестат и да се ослободат од стапицата на ѓаволот, кој ги заробил за да ја вршат неговата волја. (2 Тимотеј 2:26)