Прескокни кон главната содржина

2 Тимотеј

Глава 3

  1. 1

    Но знај го ова: во последните денови ќе настанат тешки времиња.

  2. 2

    Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни и несвети,

  3. 3

    без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржливи, сурови, оние што не го сакаат доброто,

  4. 4

    предавници, непромислени, надуени, повеќе љубители на задоволства отколку љубители на Бог,

  5. 5

    ќе имаат надворешен облик на побожност, но ќе се одрекуваат од нејзината сила. Од таквите отстранувај се.

  6. 6

    Меѓу нив се оние што се вовлекуваат во куќите и заробуваат слаби жени, натоварени со гревови и водени од разни желби,

  7. 7

    жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познавање на вистината.

  8. 8

    Како што Јаниј и Јамвриј му се противеа на Мојсеј, така и овие ѝ се противат на вистината – луѓе со расипан ум и неподобни за верата.

  9. 9

    Но нема да напредуваат повеќе, зашто нивното безумство ќе им стане јасно на сите, како што стана и безумството на оние двајца.

  10. 10

    Но ти го следеше моето учење, однесување, намера, вера, трпеливост, љубов и постојаност,

  11. 11

    моите прогонства и страдања што ме снајдоа во Антиохија, Иконија и Листра. Какви прогонства претрпев, но од сите Господ ме избави.

  12. 12

    И сите што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети.

  13. 13

    А злите луѓе и измамниците ќе напредуваат кон полошо, заблудувајќи и самите бидувајќи заблудени.

  14. 14

    Но ти остани во она што си го научил и во што си се уверил, знаејќи од кого си го научил,

  15. 15

    и дека уште од детството ги знаеш Светите Писма, кои можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус.

  16. 16

    Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, изобличување, поправање и воспитување во праведноста,

  17. 17

    за да биде Божјиот човек целосно подготвен за секое добро дело.