2 Тимотеј
Глава 4
- 1
Сериозно ти наложувам пред Бог и пред Христос Исус, Кој ќе им суди на живите и на мртвите, и при Неговото појавување и Неговото царство:
- 2
проповедај го Зборот; биди подготвен во погодно и во непогодно време; изобличувај, укорувај и поттикнувај со сета трпеливост и поучување.
- 3
Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку според своите желби ќе си насоберат учители што ќе им го скокоткаат слухот;
- 4
ќе го одвратат слухот од вистината и ќе се свртат кон измислици.
- 5
Но ти биди трезвен во сѐ, поднесувај страдања, врши го делото на евангелист и целосно исполни ја својата служба.
- 6
Зашто јас веќе се излевам како жртвен принос и времето на моето заминување е близу.
- 7
Се борев во добрата борба, ја завршив трката, ја запазив верата.
- 8
Отсега ми е подготвен венецот на праведноста, кој во оној ден ќе ми го даде Господ, праведниот Судија – и не само мене, туку и на сите што го засакаа Неговото појавување.
- 9
Погрижи се да дојдеш кај мене што поскоро.
- 10
Зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниот век, и отиде во Солун; Крискес отиде во Галатија, а Тит во Далмација.
- 11
Само Лука е со мене. Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е корисен за службата.
- 12
А Тихик го пратив во Ефес.
- 13
Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката што ја оставив кај Карп во Троада, како и книгите, а особено пергаментите.
- 14
Ковачот Александар ми направи многу зло. Господ ќе му возврати според неговите дела.
- 15
Пази се и ти од него, зашто силно им се спротивстави на нашите зборови.
- 16
При мојата прва одбрана никој не застана на моја страна, туку сите ме оставија. Нека не им се земе тоа за грев.
- 17
Но Господ беше со мене и ме зајакна, за преку мене проповедта да биде целосно објавена и да ја чујат сите народи. И бев избавен од устата на лавот.
- 18
Господ ќе ме избави од секое зло дело и безбедно ќе ме воведе во Своето небесно царство. Нему нека Му е слава во вечни векови. Амин.
- 19
Поздрави ги Прискила и Акила и домот на Онисифор.
- 20
Ераст остана во Коринт. А Трофим го оставив болен во Милет.
- 21
Побрзај да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клаудија и сите браќа.
- 22
Господ нека биде со твојот дух. Благодатта нека биде со вас.