Прескокни кон главната содржина

Колосјаните

Глава 2

  1. 1

    Сакам да знаете колкава борба водам за вас, за оние во Лаодикеја и за сите што не ме виделе лично,

  2. 2

    за да се охрабрат нивните срца и, соединети во љубов, да го добијат сето богатство на целосната увереност во разбирањето и да ја познаат Божјата тајна – Христос,

  3. 3

    во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и знаењето.

  4. 4

    Ова го велам за да не ве измами никој со убедливи зборови.

  5. 5

    Зашто, иако сум отсутен со телото, со духот сум со вас и се радувам кога го гледам вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христос.

  6. 6

    Затоа, како што Го примивте Христос Исус како Господ, така и живејте во Него,

  7. 7

    вкоренети и изградени во Него, зацврстени во верата како што бевте поучени и изобилувајќи со благодарност.

  8. 8

    Внимавајте никој да не ве зароби со филозофија и празна измама, според човечкото предание и основните начела на светот, а не според Христос.

  9. 9

    Зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството,

  10. 10

    а вие сте исполнети во Него, Кој е Глава на секое началство и власт.

  11. 11

    Во Него бевте обрежани со обрежување што не е направено со раце, со соблекувањето на телото, со Христовото обрежување.

  12. 12

    Со Него бевте погребани во крштавањето, а со Него и воскреснавте преку верата во дејствувањето на Бог, Кој Го воскресна од мртвите.

  13. 13

    И вас, кои бевте мртви во престапите и во необрежаноста на своето тело, Бог ве оживеа заедно со Него, простувајќи ни ги сите престапи.

  14. 14

    Го избриша списокот на долгови, со неговите одредби што беа против нас; го отстрани од патот, приковајќи го на крстот.

  15. 15

    Ги разоружа началствата и властите, јавно ги изложи и триумфираше над нив преку крстот.

  16. 16

    Затоа никој да не ве осудува за јадење или пиење, за празник, млад месец или саботен ден.

  17. 17

    Тие се сенка на она што треба да дојде, а телото е Христово.

  18. 18

    Никој да не ви ја одзема наградата со лажна понизност и поклонување на ангели, задржувајќи се на виденија и без причина гордеејќи се со својот телесен ум.

  19. 19

    Таквиот не се држи за Главата, од Која целото тело, поддржувано и поврзувано со зглобови и врски, расте како што Бог му дава да расте.

  20. 20

    Ако со Христос умревте за основните начела на светот, зошто, како сѐ уште да живеете во светот, им се покорувате на прописи:

  21. 21

    „Не допирај, не вкусувај, не фаќај!“

  22. 22

    Сите тие работи пропаѓаат со употребата, зашто се засноваат на човечки заповеди и учења.

  23. 23

    Тие навистина изгледаат мудри поради самоволното богослужење, лажната понизност и суровото постапување со телото, но немаат никаква вредност во совладувањето на телесните желби.