Колосјаните
Глава 1
- 1
Павле, по Божја волја апостол на Христос Исус, и братот Тимотеј,
- 2
до светите и верните браќа во Христос што се во Колоси: благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко.
- 3
Секогаш кога се молиме за вас, Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос,
- 4
зашто чувме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта што ја имате кон сите свети,
- 5
поради надежта што е зачувана за вас на небесата. За неа порано чувте во зборот на вистината – Евангелието,
- 6
кое дојде кај вас, како и во целиот свет. Тоа принесува плод и расте, како што расте и меѓу вас од денот кога ја чувте и вистински ја познавте Божјата благодат.
- 7
За неа научивте од Епафрас, нашиот љубен сослужител, кој е верен Христов служител за вас
- 8
и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот.
- 9
Затоа и ние, од денот кога го чувме тоа, не престануваме да се молиме за вас и да бараме да се исполните со познавање на Неговата волја, со сета духовна мудрост и разбирање,
- 10
за да живеете достојно за Господ и целосно да Му угодувате: да принесувате плод во секое добро дело и да растете во познавањето на Бог,
- 11
зајакнувани со секоја сила, според моќта на Неговата слава, за сета истрајност и трпеливост,
- 12
со радост благодарејќи Му на Таткото, Кој ве направи способни да учествувате во наследството на светите во светлината.
- 13
Тој нѐ избави од власта на темнината и нѐ пренесе во царството на Својот љубен Син,
- 14
во Кого имаме откуп и простување на гревовите.
- 15
Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден над сето создание,
- 16
зашто во Него беше создадено сѐ на небесата и на земјата, видливо и невидливо – било престоли, господства, началства или власти. Сѐ е создадено преку Него и за Него.
- 17
Тој е пред сѐ и сѐ се одржува во Него.
- 18
Тој е Главата на телото, Црквата. Тој е Почетокот, Првородениот од мртвите, за да има првенство во сѐ.
- 19
Зашто на Бог Му беше угодно сета полнота да живее во Него
- 20
и преку Него да помири со Себе сѐ – било на земјата, било на небесата – воспоставувајќи мир преку крвта на Неговиот крст.
- 21
И вас, кои некогаш бевте отуѓени и непријатели во своите мисли поради злите дела,
- 22
сега ве помири во Неговото тело преку смртта, за да ве постави пред Себе свети, беспрекорни и без вина,
- 23
само ако останете цврсти и непоколебливи во верата и не се оддалечувате од надежта на Евангелието што го чувте. Тоа Евангелие е проповедано на секое создание под небото, а јас, Павле, станав негов слуга.
- 24
Сега се радувам во своите страдања за вас и во своето тело го дополнувам она што недостига од Христовите страдања за Неговото тело, кое е Црквата.
- 25
Нејзин слуга станав според службата што Бог ми ја довери за вас, за целосно да го објавам Божјиот збор,
- 26
односно тајната што беше скриена низ вековите и поколенијата, а сега им е откриена на Неговите свети.
- 27
На нив Бог сакаше да им покаже колкаво е богатството на славата на оваа тајна меѓу незнабожците: Христос во вас, надежта на славата.
- 28
Него Го проповедаме, предупредувајќи го секој човек и поучувајќи го секој човек со сета мудрост, за секого да го поставиме зрел во Христос.
- 29
За тоа се трудам и се борам според Неговото дејствување, кое моќно дејствува во мене.