Прескокни кон главната содржина

Филипјаните

Глава 4

  1. 1

    Затоа, мои сакани браќа по кои копнеам, моја радост и венец, стојте така цврсто во Господ, мои сакани.

  2. 2

    Ја молам Еводија, а ја молам и Синтихија, да бидат едномислени во Господ.

  3. 3

    Да, те молам и тебе, верен соработнику, помогни им на овие жени, кои заедно со мене се бореа за Евангелието, заедно со Климент и со другите мои соработници, чии имиња се во книгата на животот.

  4. 4

    Радувајте се секогаш во Господ! Повторно ќе речам: радувајте се!

  5. 5

    Вашата благост нека им биде позната на сите луѓе. Господ е близу.

  6. 6

    Не грижете се за ништо, туку во сѐ, преку молитва и молба со благодарност, изнесувајте ги своите барања пред Бог.

  7. 7

    И Божјиот мир, кој го надминува секое разбирање, ќе ги чува вашите срца и вашите мисли во Христос Исус.

  8. 8

    На крајот, браќа, мислете на сѐ што е вистинито, сѐ што е чесно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е љубезно, сѐ што е достојно за пофалба – ако има некаква доблест и ако има нешто за пофалба.

  9. 9

    Тоа што го научивте, примивте, чувте и видовте кај мене, тоа правете го, и Бог на мирот ќе биде со вас.

  10. 10

    Многу се зарадував во Господ што најпосле повторно ја покажавте својата грижа за мене. Вие и порано се грижевте, но немавте можност да го покажете тоа.

  11. 11

    Ова не го велам затоа што нешто ми недостига, зашто научив да бидам задоволен во какви било околности.

  12. 12

    Знам да живеам и во скудност, а знам и да живеам во изобилство. Во сѐ и во сите околности сум ја научил тајната: и да бидам сит и да гладувам, и да имам изобилство и да трпам недостаток.

  13. 13

    Сѐ можам преку Оној Кој ми дава сила.

  14. 14

    Сепак, добро направивте што учествувавте во мојата неволја.

  15. 15

    А и вие, Филипјани, знаете дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не учествуваше со мене во давање и примање, освен вие.

  16. 16

    Зашто и во Солун, повеќе од еднаш ми испративте за моите потреби.

  17. 17

    Не го барам дарот, туку го барам плодот што се умножува на ваша сметка.

  18. 18

    Примив сѐ и изобилувам. Целосно сум снабден откако го примив од Епафродит она што го испративте — пријатен мирис, прифатлива жртва, угодна на Бог.

  19. 19

    А мојот Бог ќе ја исполни секоја ваша потреба според Своето богатство во слава во Христос Исус.

  20. 20

    А на Бог, нашиот Татко, нека Му биде слава во вечни векови. Амин.

  21. 21

    Поздравете ги сите свети во Христос Исус. Ве поздравуваат браќата што се со мене.

  22. 22

    Ве поздравуваат сите свети, а особено оние од домот на кесарот.

  23. 23

    Благодатта на Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух.