Филипјаните
Глава 3
- 1
На крајот, мои браќа, радувајте се во Господ! Мене не ми е тешко повторно да ви го пишувам истото, а за вас тоа е сигурност.
- 2
Пазете се од кучињата, пазете се од злите работници, пазете се од осакатувачите.
- 3
Зашто вистинското обрежување сме ние, кои Му служиме на Бог преку Духот, се фалиме со Христос Исус и не се потпираме на телото,
- 4
иако јас имам причина да се потпирам и на телото. Ако некој друг мисли дека има причина да се потпира на телото, јас имам уште повеќе:
- 5
обрежан на осмиот ден, од Израелевиот народ, од Венијаминовото племе, Евреин од Евреи; според Законот – фарисеј;
- 6
според ревноста – гонител на Црквата; според праведноста според Законот – беспрекорен.
- 7
Но она што некогаш ми беше придобивка, поради Христос го сметам за загуба.
- 8
Но и сѐ друго го сметам за загуба поради ненадминливата вредност да Го познавам Христос Исус, мојот Господ. Поради Него изгубив сѐ и сѐ го сметам за отпад, само да Го придобијам Христос
- 9
и да се најдам во Него, не со своја праведност што доаѓа од Законот, туку со праведноста што доаѓа преку вера во Христос – праведноста од Бог врз основа на верата.
- 10
Сакам да Го познавам Него, силата на Неговото воскресение и заедништвото во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт,
- 11
со надеж дека некако ќе го достигнам воскресението од мртвите.
- 12
Не дека веќе сум го достигнал тоа или дека веќе сум совршен, туку се стремам да го достигнам она за кое и Христос Исус ме придоби.
- 13
Браќа, јас не сметам дека веќе сум го достигнал. Но едно правам: го заборавам она што е зад мене и се стремам кон она што е пред мене.
- 14
Трчам кон целта, кон наградата на Божјиот небесен повик во Христос Исус.
- 15
Затоа сите ние што сме зрели треба да размислуваме вака. А ако за нешто размислувате поинаку, Бог и тоа ќе ви го открие.
- 16
Само да продолжиме да живееме според она до кое веќе стигнавме.
- 17
Браќа, угледајте се на мене и внимавајте на оние што живеат според примерот што го имате во нас.
- 18
Зашто мнозина живеат како непријатели на Христовиот крст. За нив често ви зборував, а сега ви зборувам со солзи.
- 19
Нивниот крај е погибел, нивниот бог е стомакот, а нивната слава е во нивниот срам; тие мислат на земното.
- 20
Но нашето граѓанство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, Господ Исус Христос.
- 21
Тој ќе го преобрази нашето понижено тело за да стане слично на Неговото славно тело, преку силата со која може сѐ да потчини под Себе.