Прескокни кон главната содржина

Колосјаните

Глава 4

  1. 1

    Господари, давајте им го на своите слуги она што е праведно и правично, знаејќи дека и вие имате Господ на небесата.

  2. 2

    Бидете постојани во молитвата, бдеејќи во неа со благодарност.

  3. 3

    Молете се и за нас, Бог да ни отвори врата за проповедање на Зборот, за да ја објавуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови,

  4. 4

    за да ја објавам јасно, како што треба да зборувам.

  5. 5

    Однесувајте се мудро кон оние што се надвор и добро искористувајте го времето.

  6. 6

    Вашиот збор секогаш нека биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба да му одговорите на секого.

  7. 7

    За сѐ што се однесува до мене ќе ве извести Тихик, саканиот брат, верен служител и сослужител во Господ.

  8. 8

    Него го испратив кај вас токму за да дознаете како сме и за да ги утеши вашите срца,

  9. 9

    заедно со Онисим, верниот и љубен брат, кој е од вас. Тие ќе ви раскажат за сѐ што се случува овде.

  10. 10

    Ве поздравуваат Аристарх, затвореникот што е заедно со мене, и Марко, братучедот на Варнава, за кого добивте упатства: кога ќе дојде кај вас, примете го.

  11. 11

    Исто така ве поздравува Исус, наречен Јуст. Тие се единствените од обрежаните што се мои соработници за Божјото царство и ми беа утеха.

  12. 12

    Ве поздравува Епафрас, еден од вас, слуга на Христос Исус. Тој секогаш се бори за вас во своите молитви, за да стоите зрели и целосно уверени во сета Божја волја.

  13. 13

    Сведочам за него дека многу се труди за вас, за оние во Лаодикеја и за оние во Јерапол.

  14. 14

    Ве поздравуваат Лука, саканиот лекар, и Димас.

  15. 15

    Поздравете ги браќата во Лаодикеја, Нимфа и црквата што се собира во нејзиниот дом.

  16. 16

    Откако ова послание ќе се прочита кај вас, погрижете се да се прочита и во црквата во Лаодикеја, а и вие прочитајте го посланието од Лаодикеја.

  17. 17

    Кажете му на Архип: „Внимавај на службата што ја прими во Господ, за да ја исполниш.“

  18. 18

    Овој поздрав го пишувам јас, Павле, своерачно. Не заборавајте ги моите окови. Благодатта нека биде со вас.